Премиера „по грешка“
BMW порано ја најави премиерата на серија 8 Gran Coupe за 25 јуни, ама како обично бива ни овој новитет ни остана тајна
Објавено на 13 јуни 2019 година
Имено, еден сајт од Сингапур наводно по грешка објави сет фотографии од BMW серија 8 Gran Coupe, кои ш потоа ги тргна, ама дури откако тие се раширија низ светот. Како и да е, освен дополнителниот пар врати серијата 8 Gran Coupe доби и за 200 mm подолго меѓуоскино растојание во споредба со стандардната „осмица“, плус за 60 mm поголема височина. Поголем секако е и багажникот кој изнесува 440 литри и кој со соборување на задните седишта може да се зголеми.
Еден од моторите во понудата на серијата 8 Gran Coupe ќе биде и 4,4 литарскиот твин-турбо V8 со 530 KS, а може да се очекува на располагање да биде и со 3,0 литарскиот шестцилиндричен дизел со 320 KS. Бидејќи летово купе и кабрио изведбите на серијата 8 ќе добијат и шестцилиндричен бензинец сo 340 KS, треба да се очекува и за Gran Coupe. Во гамата подоцна ќе се најде и спортска M8 Gran Coupe варијанта, која под хаубата ќе има 600 или 625 KS во Competition изведбата.