BMW 7 Electric » Време на промени

Top News Занимливости Новитети Поглед во иднината

Време на промени

BMW официјално потврди дека за идната генерација на серијата 7 се развива електричен погон

Објавено на 28 март 2020 година

Откако BMW објави дека ќе ги исфрли од понуда своите најголеми и најмоќни агрегати, се постави прашањето што ќе се најде во топ-верзиите на идната серија 7. Одговорот дојде лично од претседателот на бордот на директори Оливер Ципзе, кој во своето обраќање на годишната прес-конференција изјави дека наредната генерација на големата лимузина ќе има и електричен погон. Според неговите зборови, серијата 7 ќе биде на располагање со четири погонски опции – бензин, дизел, плаг-ин хибрид и целосно електрична. Без да прецизира кога точно ќе се појави, тој додаде и дека сите изведби ќе бидат базирани на иста архитектура. Ципзе не објави никакви детали за нив, но од други извори се дознава дека идната серија 7 ќе биде на располагање со две електрични погонски групи. Првата ќе биде од i4 кој се подготвува за лансирање идната година со 530 коњски сили и батерии од 80 киловат-часа доволни за автономија од 600 километри. Втората ќе биде наменета за топ-верзијата и ќе располага со 650 коњски сили и батерии од 120 киловат-часа со кои ќе може да помине 700 километри. Сегашната најсилна изведба на серијатa 7 има 6,6 литарски V12 мотор со 585 коњски сили и во Германија чини 176 илјади евра.

Овој потег на BMW е дел од стратегијата наредните три години да се лансираат вкупно 13 електрични модели. Засега се знае дека меѓу нив ќе бидат уште и кросоверите iX3 и серискиот модел што ќе произлезе од концептот iNext претставен пред година ипол на салонот во Париз. Раководството на BMW очекува електричните возила до 2030 година да учествуваат со 40 отсто во продажбата на марката.

клучни зборови: ,