Поекстремен од актуелниоит RS6 Performance
Огранокот за спортски и перформансни изведби на „господарот на прстените“ за својот 40-ти роденден најавува екстремен модел
Audi RS6 важи за еден од најпосакуваните „семејни“ автомобили, идеален за оние што се инфицирани со октанскиот вирус. По форма караван, тој со своите перформанси е рамо до рамо со супер спортските автомобили. Audi RS6 Performance, претставен кон крајот на минатата година, моментално е најмоќната верзија на моделот.
Неговиот четири литарски V8 твин-турбо мотор произведува 630 КС и 850 Nm. Спринтот од 0-100 км/ч се завршува за 3,4 секунди, а стрелката на брзинометарот запира на 305 км/ч. Иако тие бројки се повеќе од импресивни за семеен транспортер, од Audi Sport мислат дека тие можат да бидат поекстремни со следниот рафинат на RS6. Изгледот сé уште не се објавува но многу веројатно е инспирација да биде концептот Audi RS6 GTO создаден во 2020 година во чест на тркачкиот автомобил Audi 90 Quattro IMSA GTO.
Се разбира дека новата изведба ќе ги задржи атрибутите на тркачкиот караван со напомена дека Audi Sport секогаш се труди да го извади максимумот. Повеќе од извесно, но непотврдено, е дека најавениот рафинат на RS6 нема да биде електрифициран. Истото важи и за најавената, помоќна варијанта на Audi RS3 со надграден мотор со пет цилиндри. Audi ќе го лансира својот последен модел со мотор со согорување во 2026 година, што значи дека сите специјални изведби со беџот RS ќе дебитираат во следните три години.



