Премиера – Audi RS3

насловна Новитети

Најдоброто за крај?!

Високо перформансниот Audi RS3 јасно се издвојува од сите претходници

објавено 20. јули 2021

Претставувањето на новиот двоец најавува крај на една ера. Шефот на Audi Маркус Дисман најави дека ќе се стопира развојот на моторите со внатрешно согорување и оние што сè уште се прават ќе бидат последни.

Тоа не пречеше „Господарот на прстените“ да го ангажира своето спортско одделение да ја направи последната серија на мускулозната RS3 која не се издвојува само меѓу своите роднини, туку е врв и во однос на конкуренцијата. Да почнеме по ред. Како и на останатите модели потпишани од Audi Sport GmbH основата е моќниот мотор.

Регрутиран е пет цилиндерскиот линиски агрегат од 2,5 литри надополнет со турбополнач со чија помош се добиваат 400 коњи и максималниот вртежен момент од 500 Nm во распон помеѓу 2250 и 5600 врт/мин. Неговата сила се дистрибуира преку седумстепен менувач со двојна спојка на сите четири тркала.

Овој спој овозможува спринт од 0 до 100 км/ч за 3,8 секунди, а максималната брзина има три нивоа на ограничување, во зависност од избраниот модус на 250, 280 или 290 км/ч! Како зачин на сето ова издувниот вентил обезбедува соодветна акустична поддршка со напомена дека се почитуваат најстрогите регулативи за бучава. Но, не е сè во сировата сила. Еден од најинтересните технички детали е таканаречениот сплитер на вртежниот момент кој го заменува диференцијалот на задната оска.

Вртежниот момент се распределува варијабилно преку електронски контролирани спојки на обете задни тркала со што се добива активна дистрибуција на вртежниот момент. Ваквото решение  значително ја зголемува агилноста и стабилноста. Дури,  во зависност од избраниот режим на возење, се врши пренасочување на силата на надворешното тркало. За подобро прилепување на асфалтот во RS3 за прв пат сериски се испорачува со полумазните пневматици Pirelli P Zero Trofeo R, а спортската суспензија има модифицирани хардверски компоненти. Активната регулација на амортизацијата е достапна како дополнителна опција. Како и кај претходникот, напред се поставени пошироки пневматици.

19-инчните тркала специфични за RS се облечени со димензија 265/30 напред и 245/35 позади. И опционалните керамички сопирачки, кои беа воведени со многу врева кај претходникот, а потоа беша тивко откажани, прават триумфално враќање. Високите стандарди на новиот Audi RS3 достапни во хечбек и седан каросерија, стилски се манифестираат во препознатливите детаљи на надворешноста.

И во ентериерот има не само одлични спортски седишта, туку и специјална инструмент табла со футуристичка графика. Новиот Audi RS3 е направен за сладокусците кои во име на задоволството во возењето и извонредните перформанси сакаат да брцнат длабоко во својот џеб. На германскиот пазар верзијата Sportback се продава за 60.000 евра и 2.000 евра повеќе се бара за лимузината.

И двете ветуваат дека за тие пари во ниту еден спортски модел во класата нема да се добие супериорна комбинација на задоволство во возењето и практичност. На тврдокорните поборници на бензинските перформанси останува да се надеваат дека RS3 нема да биде лебедовата песна испеана од квинтетот цилиндри.