Електричен и елегантен
Откако лани го лансираше Q6 e-Tron како технолошки близнак на електричниот Porsche Macan, Audi сега ја подготви и неговата Sportback верзија чија елегантна купе-кросовер каросерија премиерно блесна на салонот во Париз. Во однос на стандардниот Q6 e-Tron неговата силуета има пониска линија на покривот за 37 mm и закосено задно ветробранско стакло, а наизглед проширените крила дизајнерски се инспирирани од култниот Audi Quattro. Светлата, маската и воопшто основните стилски елементи напред и назад се задржани, а аеродинамиката е подобрена – коефициентот на отпор на воздухот изнесува 0,26. Внатрешноста богато полна со опрема ги нуди веќе препознатливите дизајнерски решенија.
Audi Q6 e-Tron Sportback ќе се нуди со вкупно четири погонски опции, со еден или два електромотора. Основниот модел со 252 KS и погон на задните тркала ќе има батерии со капацитет од 83 kWh и ќе биде достапен за 65.900 евра. Се очекува најголем интерес да има за e-Tron Performance изведбата со 306 коњски сили и батерии од 100 kWh кои обезбедуваат автономија од 656 km. За оние кои сакаат повеќе на располагање ќе биде Quattro верзија со 388 KS, а врв на понудата секако е спортска SQ верзија со дури 490 коњи. Таа до 100 километри на час ќе забрза за 4,3 секунди и ќе постигне максимални 230 km/h, што е за 20 km/h повеќе од останатите верзии.
Планиран за лансирање идната година, Audi Q6 e-Tron Sportback ќе се произведува во матичната фабрика на Audi во Инголштат.