Нов стил, ревидирана механика и подобар комфор
Audi ја откри третата генерација на Q5, кој и досега важеше за нивни најдобар SUV модел. Тоа и ќе остане, бидејќи сé на него е подобрено над нивото само да се наречен нова генерација, туку и да го задржи статусот дека е референца за другите производители каков треба да биде еден модел од оваа класа. А со оглед на растечката конкуренција и нивните нескротливи амбиции, тоа нималку не беше лесно, заради што инженерите на Audi логично во развојот на неговата наредна генерација мораа да вложат голем труд. Резултатот од тоа е целосно изменетиот дизајн и редефинираната механика која и понатаму е базирана и на бензински и дизел мотори.
Новиот Q5 почива на PPC (Premium Platform Combustion) платформата која како заедничка со новиот А5 е развиена како унапредена верзија на досегашната MLB архитектура, што значи дека има мотори сместени надолжно. Сите тие ќе бидат хибридни, со 48-волтен систем чиј стартер-генератор задвижуван со каиш е засилен со електромотор вграден во трансмисијата која исклучиво е седумстепена со двојна спојка. За почеток гамата на Q5 ќе ја сочинуваат 2.0 TFSi верзијата која испорачува 204 KS на предните тркала, додека quattro погонот е достапен како опција. За пазарите како нас сигурно единствено интересна ќе биде 2.0 TDi изведбата со исто толку коњски сили, но емоциите дефинитивно ќе ги предизвикува SQ5 опремен со 3,0 литарски TFSi V6 мотор со 367 KS.
Заради новата платформа со ревидирани системи за ослонување и управување, Audi тврди дека Q5 сега е значително поудобен и порелаксиран за возење од моделот што го заменува. Тоа го поткрепува со стандардната адаптивна амортизација и широкиот спектар системи за помош на возачот. Меѓу бројните конфигурабилни функции е и системот кој користи мапирани податоци за оптимизација на препознавањето на сообраќајните знаци, помош при забрзувањето, одржувањето на брзината, оддалеченоста и возењето на средината на коловозната лента како и темпоматот заснован на ограничувањата на брзината.
Внатрешноста е потполно нова и претставува патоказ кон тоа како ќе изгледаат сите наредни SUV модели на Audi. Закривениот екран содржи 11,9 инчна дигитална инструмент табла и 14,5 инчен инфозабавен систем, додека за совозачот е наменет 10,9 инчен дисплеј. Обрачот на управувачот засечен од долната страна нема физички контроли на себе – сé се подесува преку екраните. Пространоста на кабината е зголемена, задните седишта имаат доста подесувања, а багажникот може да се зголеми на 1.473 литри.
Дизајнерските детали беа голем предизвик за да се ускладат сите облици со новите технички решенија и посакуваната аеродинамика, заради што Q5 изгледа помал отколку што е. Меѓу клучните детали се дигиталните OLED задни светла кои ги предупредуваат другите учесници во сообраќајот за несреќа или дефект прикажувајќи прилагодена графика. Напред главните светла стандардно се Matrix LED, а дневните имаат дури осум прилагодливи светлосни облици.
Новите Audi Q5 и SQ5 низ Европа ќе се појават во продажба во првиот квартал 2025 година, а во Германија ќе пристигнат уште овој месец со цени кои изнесуваат од 52.300 евра за најевтината изведба до 82.900 евра за SQ5.