Втор чекор кон комплетната електрификација
Објавено на 2 декември 2019 година
Audi го претстави своето второ електрично возило. Во ознаката ја има додавката Sportback која укажува дека од e-Tron се разликува по спуштениот заден дел налик на A7. Димензиите и тежината му се скоро идентични, исто како и дизајнот на предниот дел. Изменетата силуета му дава подинамичен изглед и подобра аеродинамика, што резултираше со поголемена автономија. Најголемите разлики сепак се во низата технички подобрувања, кои веројатно ќе се преселат и кај неговиот постар брат лансиран лани. Главната е што e-Tron Sportback во нормални услови на возење има погон само на задните тркала, додека предниот електромотор се вклучува по потреба. Унапреден е и системот за сопирање, кој сега регенерира поголем дел од енергијата. Така со уште неколку помали иновации, инженерите на Audi успеаја да ја продолжат автономијата на 446 километри кај посилниот модел. Тој номинално располага со 360 коњски сили, кои краткотрајно можат да се пораснат на 402. Послабиот модел има 313 коњи, но и помали батерии доволни за автономија од 347 километри.
Внатрешноста на e-Tron Sportback е идентична, со таа разлика што патниците назад имаат за два прста понизок простор за главите. Помал е и багажникот, во кој сепак собира доволни 615 литри. Опременоста му е подобрена со дигиталните матрикс ЛЕД светла, сочинети од отприлика милион микро огледала. Секое може да се поместува до 5.000 пати во секунда, динамично прилагодувајќи ја осветленоста на условите на патот. Значајни се и виртуелните надворешни ретровизори, всушност камери кои ја проектираат сликата на посебни екрани. Продажбата на e-Tron Sportback ќе започне напролет идната година по цена од 71.350 евра. Ќе се произведува заедно со стандардниот e-Tron во фабриката на Audi во Брисел.