Audi A3 Sedan » Дигитален и целосно поврзан (со видео)

Top News Новитети

Дигитален и целосно поврзан

Под елегантна каросерија на новиот Audi A3 Sedan се кријат нови погонски групи и рафинирано ослонување кои обезбедуваат динамично возење

Објавено на 23 април 2020 година

После хечбекот кој требаше да биде претставен на откажаниот салон на автомобилите во Женева, Audi сега нé почести и со новата генерација на седан изведбата на А3. Како што се очекуваше, акцентот кај оваа втора генерација на компактниот модел со четири врати е ставен на дигитализацијата  и поврзаноста. Сепак и останатото не е занемарено, така што сега под елегантната каросерија на новиот Audi A3 Sedan се кријат нови погонски групи и рафинирано ослонување кои обезбедуваат динамично возење.

Изгледот на надворешноста личи како да е редизајн на сегашниот модел, барем однапред. Таму доминира големата шестаголна саќеста маска обрабена со впечатливите фарови кои во поопремените верзии се со Matrix ЛЕД технологија и со нови дигитални дневни светла. Трапезоидните отвори за воздух сместени во ќошињата на браникот визуелно го прошируваат изгледот на овој седан, давајќи му ја потребната доза пасивна динамичност. Во споредба со претходникот е подолг за 4 сантиметри, но меѓуоскиното растојание му остана исто. За да се обезбеди повеќе простор за патниците, заедно со новата пониска позиција на седење широчината му е зголемена за 2 а височината за 1 сантиметар додека багажникот остана со истиот волумен. Погледот на силуетата ја оддава вистината дека се работи за сосема нов модел. Мускулесто обликуваните површини нагласени со извлечените крила создаваат интензивна игра ​​светлото и сенките и го дистанцираат од останатите седани на марката. Линијата на каросерија над праговите се подигнува кон задните светла, истакнувајќи ја така опашката која сега се чини малку пократка. Сето ова е дизајнерски толку вешто изведено што покрај елегантниот изглед ја нагласува и должината на новата лимузина. Оставајќи благ впечаток како кај купе моделите, задното стакло се спушта повеќе закосено кон багажникот кој завршува со впечатлив интегриран спојлер. Сето тоа е зачинето со амблемот на марката со четирите преплетени прстени пред задното тркало, кој неодоливо потсетува на легендарниот Audi Quattro од пред четириесет години. Корист од сето ова имаше и аеродинамиката на возилото, чиј коефициент на отпорот на воздух е намален на респектабилни 0,25. За тоа придонесуваат и обложеното подвозје и контролираните всисници на воздух за ладење на моторот кои електрично се отвораат и затвораат.

Погледот во внатрешноста веднаш открива дека новиот Audi A3 Sedan е направен да му се допадне на возачот. Целосно дигитализираниот кокпит се карактеризира со кон него свртениот централен екран кој е поголем и интуитивен за користење. Голема новост е тоа што стандардно вклучува можност за препознавање ракопис и гласовни команди. Инструмент таблата нуди три различни прикази, кои кај спортскиот режим имаат графика со посебно динамичен изглед. Опционално сето ова може да се пренесе и на head-up дисплејот кој концептуално го дополнува видното поле на возачот. Малку стерилниот дизајн на ентериерот не го следи целиот овој тренд, но затоа врвниот инфозабавен систем може да се пофали со десет пати поголема компјутерска моќ од претходната генерација. Таа во добар дел се користи за активна поврзаност на возилото и мобилните телефони на патниците. Во пакет со неа се добиваат и мноштво инфо-услуги кои ги обезбедува Audi, како што се он-лајн информациите за сообраќајот или фотографии и работното време на дуќаните на кои ќе наидете на рутата по која возите. Во нив се вклучени и бесплатните места за паркирање, на кои кога ќе застанете системот продолжува да комуницира со возачот преку неговиот мобилен телефон. Сето ова е заокружено со можноста автомобилот да се отклучува и заклучува далечински, и тоа од вкупно шест телефони на поврзани корисници кои можат пред да седнат во него да си ги подесат седиштата, ретровизорите и климатизацијата како им одговара.

После сето ова набројано се чини излишно да ја споменуваме опременоста на новиот Audi A3 Sedan заради што ќе се префрлиме на моторизацијата, која искрено кажано разочарува. Тој кога ќе се појави на пазарот сé на сé ќе биде достапен со само два мотора. Бензинецот е 1,5 литарски со 150 коњски сили и ќе може да се комбинира со новоразвиен шестстепен мануелен или брз седумстепен менувач со двојна спојка, чија потрошувачка е намалена со системот за деактивирање на цилиндрите и 48-волтниот хибриден суплемент. Дизелот со иста силина е дволитарски и доаѓа само со споменатата S-Tronic трансмисија контролирана со помош на shift-by-wire технологија. Иако е поставен на истата платформа како и новиот Golf, засега за A3 Sedan нема ниту збор за вистински хибридни варијанти, посебно не за оние со плаг-ин можности. Место тоа, од Audi истакнуваат дека ослонувањето му е поспортски подесено, како и дека централниот динамички систем му обезбедува побрза и попрецизна управливост благодарејќи на оптимална интеракција меѓу сите релевантни компоненти. Колку е сето ова делотворно ќе дознаат првите купувачи кои своите возила ќе ги добијат при крајот на летото. Оние што ќе се стрпат малку ќе можат да сметаат на основната верзија на A3 Sedan, за која Audi го Германија ќе им побара по 27.700 евра.

Видео

клучни зборови: ,