Најбрзиот сериски Aston Martin
Aston Martin со гордост го најавува враќањето на својата најлегендарна ознака Vanquish која во минатото била резервирана само за најдоброто од компанијата. Така е и сега – третата генерација на Vanquish е техничко ремек-дело на кое му доликува да биде вистински лидер во гамата, барем во оној нетркачкиот нејзин дел. Со Vanquish британските инженери уште еднаш ги потврдуваат своите исклучителни способности, проширувајќи ја во величествен стил династијата на марката на ново легендарно ниво. Твин-турбо 5,2 литарскиот V12 мотор располага со монументални 835 KS и 1.000 Nm со кои Vanquish постигнува нескротливи перформанси – забрзува до 100 km/h за 3,2 секунди, а максималните 345 km/h го прават најбрзиот сериски Aston Martin досега.
Шасијата внимателно е подготвена да ја подржи динамиката обезбедувајќи единствена комбинација на карактерот на автомобилот и комфорот во возењето што се очекува од него. Диференцијалот електронски го ограничува пролизгувањето и како дел од системот за стабилизирање значително ги подобрува динамичките способности пружајќи поголема агилност при мали и средни брзини и поголема контрола во надуправувањето при големи брзини. За безбедноста се грижат карбон-керамичките дискови со дијаметар од 410 mm напред и 360 mm назад скриени зад 21-инчите тркала со Pirelli P Zero пневматици.
Со должината од 4.850 mm каросеријата од јагленородни влакна е за 135 милиметри подолга од DBS, моделот кој новиот Vanquish го заменува. Ентериерот поставува нови стандарди на модерниот луксуз, со кој оваа икона ќе завладее во ексклузивниот свет. Прецизноста на изработката е на благородничко ниво, како што доликува на еден автомобил наменет двајцата патници целосно да уживаат во возењето. Кокпитот комплетно е дигитализиран, а Bowers & Wilkins аудио системот е најдоброто што може да се вгради.
Производството ќе биде ограничено на помалку од илјада примероци годишно, а првите испораки по цена која се очекува да изнесува околу 300.000 фунти ќе бидат пред крајот на годинава.