Амбициозно, нема што!
Автомобилот што доаѓа од Бугарија ќе има 24 електромотори кои ќе го потераат до 488 km/h!
Објавено на 30 јули 2018 година
Од Бугарија пристигнуваат вести за супер-суперавтомобил. Наречен е Alieno Arcanum и има ни повеќе, ни помалку туку точно 5.221 коњска сила! Оваа брутална моќност ја испорачуваат 24 електромотори, чиј максимален вртежен момент изнесува 8.880 Nm. Преработени во километри на час, тие ќе го дотераат овој монструозен спортист до бројката 488 на брзинометарот. Податоци за забрзувањето не се дадени но затоа новооснованата бугарска компанија Alieno за својот прв модел дава едно чудо други доста прецизни детали, што докажува дека проектот колку и да звучи фантастичен, е добро разработен.
Каросеријата на Arcanum, чие име на латински значи тајна, е направено од јагленородни влакна и во долниот дел е засилена со кевлар. Должината му е 5,24, ширината 2,18, а меѓуоскиното растојание 3,1 метар. Предвидени се повеќе верзии кои се разликуваат по бројот електромотори, означени од RP2 до RP5, при што бројката означува приближно со колку илјади коњски сили располагаат. Секоја од нив ќе има по три модификации – за редовен сообраќај, за затворена патека и за трки, кои ќе се разликуваат и по пакетот батерии. Најиздашниот ќе има капацитет од 180 kWh и ќе обезбеди автономија од преку 1.000 километри. За овој супер-суперавтомобил ќе се развива и супер-суперполнач на кој ќе му требаат само 4 минути целосно да ги наполни батериите. На слично ниво е и сé друго наведено во спецификациите на овој двосед – роботизираниот ослонување, тројниот систем за сопирање, опремата во внатрешноста…
Со оглед на сé, цената дури е и „пристојна“ – таа за основниот RP2 модел се предвидува да изнесува околу 750.000 евра, а за топ-варијантата двојно повеќе. За жал, рокот на испорака не е таков – се движи од 18 до 30 месеци од датумот на извршената нарачка.