Гледајќи длабоко во иднината, инженерите на Renault подготвија еволуирана верзија на концептот Alpenglow кој беше претставен 2022-рата под знакот на Alpine.
Додавката Hy4 во ознаката кажува дека има погон на водород, но не со горивни ќелии туку со мотор со внатрешно согорување кој безбојниот гас го користи како гориво.
Засега тој е четирицилиндричен дволитарски со 340 коњски сили, но од француската компанија велат дека набргу ќе го заменат со сосема нов V6. Сметајќи го како ветувачко решение за утрешнината, тој од страна на Alpine ќе биде специјално развиен да користи водород.
Французите уште гордо наведуваат дека Alpenglow е повеќе од концептен автомобил, вистински одраз на брендот и камен-темелник на неговите амбиции и стратешки планови. Возилото како лабораторија на тркала ќе настапува на трките за издржливост меѓу кои и 24 часа Леман.
Од оригиналниот концепт се разликува по дотераната каросерија со поголем кокпит во кој сега има место за двајца и модификувана структура за подобра заштита од судари. Водородот се чува во три резервоари од кои се вбризгува директно во коморите за согорување под притисок од 40 бари.
Моторот кој максималната сила ја постигнува при 7.000 вртежи во минута е спарен со секвенцијален менувач и го задвижува возилото до 270 километри на час. Обезбедувајќи си навреме со овој прототип добра технолошка стартна позиција, Alpine предвидува дека е можно и формула 1 да се префрли на водородот како погонско гориво.