Македонските сладокусци за спортски автомобили сега може да си ги почестат сетилата со францускиот конкурент на Porsche Cayman
Беа потребни две години напори за да се обезбеди македонската премиера на моделот А110 GT на спортската марка од групацијата Renault. Во салонот на Аутомотив Груп во фокусот на вниманието е егзотичниот двосед кој плени со својот изглед и перформанси.
Централно поставениот четири цилиндерски турбо мотор од 1,8 литри испумпува 300 КС, а силата се пренесува на задните тркала преку седум степен менувач со двојна спојка кому се потребни само 260 мили секунди да смени пренос. Поради малата тежина, од само 1.119 килограми, загарантирано е дека првата стотка се „фаќа“ за 4,2 секунди и достига максимални 260 км/ч.
Од возачката позиција, која е многу блиску до асфалтот, се забележува извонредната ергономија која е во функција на спортскиот карактер на А110 GT. Внимателно одбраните материјали и високото ниво на завршна обработка се вкомпонирани со неизбежната дигитализација применета на инстструмент таблата и инфо-забавниот систем.
Пленат четирите физички копчиња, црвеното за стартување на моторот и останатите во функција на менувачот. Alpine е марка со голема традиција во авто спортот, а искуствата од Формула 1 тимот се пренесени на моделот чиј капацитет да парира на тркачките патеки е добро избалансиран за секојдневно користење.
Не официјално дознавме дека А110 GT чини околу 112.000 евра до регистрација. Можеби за него нема да има долг ред купувачи, но сигурно ќе има врвулица од заинтересирани љубители на егзотичните спортски возила.