Alfa Romeo Giulia GTA » Вистинска возачка посластица!

Top News Новитети

Вистинска возачка посластица!

Зборот ‘посластица’ го нема во македонскиот речник но тој е единствен за опишување на најновата Alfa – исто како што и таа е единствена

Објавено на 3 март 2020 година

Олеснета и засилена, новата Alfa Romeo Giulia GTA со своите 540 коњски сили во најдобри манири се навраќа на 110-годишната славна историја на марката. А таа во случајов е величествена, исто како што е и лимузината за која зборуваме. Во добар дел позната, барем на изглед, Giulia GTA всушност крие многу особености заради кои со право можеме да констатираме дека легендата за Alfa се враќа. Ако сепак се воздржиме да одиме толку драстично, тогаш ќе кажеме барем дека се испишува ново поглавје. Буквите GTA треба да го наговестат тоа, а зад нив се крие дефиниција на вистински спортски автомобил. Тој денес ќе биде присутен во две верзии – GTA и онаа со додадена мала буква m во ознаката. И двете ги задвижува веќе познатиот 2,9 литарски битурбо V6 мотор, кој сега е навиен на 540 коњи. Главното сепак не е само во силата туку и во олеснувањето за стотина килограми, кои придонесоа оваа Alfa до сто на час да забрзува за само 3,6 секунди.

Освен тоа, италијанскиот производител вложи труд и во подобрувањето на аеродинамиката за ваквата Giulia да биде постабилна. Таа доби помал заден спојлер, друга предна маска и активен преден дифузер, а GTAm и уште низа делови од јаглеродни влакна и Akrapovič издув од титаниум. Развиено е и значително подобро ослонување кое ги извлече сите тркала нанадвор за 50 милиметри. Како шлаг на тортата ставени се 20-инчни тркала со централна навртка. Секако, доработена е и внатрешноста, која сега дополнително е збогатена со алкантара и низа делови од вистински карбон а не негова имитација. Сигнали дека GTAm верзијата е вистинска тркачка покажуваат симнатите панели од вратите, спортските седишта со тркачки Х-ремени и безбедносниот кафез.

Двете верзии заедно ќе бидат лимитирани на само 500 примероци, кои веројатно ќе бидат распродадени за само неколку часа иако цената уште не им е позната. Секој од сопствениците ќе добие посебно персонализирани пакети со Bell кацига во GTA бои, тркачко одело од Alpinestars и уникатна церада за автомобилот. Плус на тоа, со купувањето следи и курс за тркачко возење на академијата на Alfa Romeo.

клучни зборови: ,