Париз 2026: Alfa Romeo Cuorerosso (видео, фото-галерија)

Концепт што најавува револуција

Alfa Romeo на салонот на автомобилите во Париз го претстави Cuorerosso, концепт што ја трасира стратешката насока за идните модели на марката. Ова спортско купе со 2+2 конфигурација и должина од 4,7 метри се издвојува со своите скулптурални линии и ентериерот дизајниран целосно околу возачот. Комбинирајќи нови технологии, иновативни материјали и различити погонски системи, италијанскиот производител ја претставува својата визија за автомобилот на иднината, притоа зачувувајќи ги елементите што го дефинираат неговиот идентитет – дизајнот, спортскиот дух и задоволството во возењето. Неговото име составено од италијанските зборови cuore и rosso со значење црвено срце непогрешливо асоцира на емоциите што ги создава веќе самата помисла на моделите на Alfa Romeo. Но на разочарување на сите, производителот појаснува дека тој не е директна најава за некој сериски модел туку претставува стилски и технолошки манифест, што значи дека некои негови елементи секако ќе послужат како инспирација за идните генерации возила.

Alfa Romeo Cuorerosso се одликува со мускулеста силуета со височина од само 1,33 метри. Меѓуоскиното растојание изнесува 2,93 метри, а најавената тежина е 1.750 килограми. Дизајнот се заснова на филозофијата наречена Bellezza Necessaria, во превод неопходна убавина чија цел е да се даде предност на чистите линии и непрекинатите површини преку елиминирање на елементите што се сметаат за излишни.

Предниот дел го краси реинтерпретација на позната Scudetto маска, комбинирана со впечатлив светлосен потпис. На задниот дел на концептот е применет принципот Coda Tronca со скратена опашка што е карактеристичен за неколку историски модели на Alfa Romeo. Cuorerosso се издвојува и со вратите што се отвораат наназад со контроли на допир интегрирани во покривот и кованите тркала инспирирани од познатиот дизајн на во стил на телефонски бројчаник. Уникатната боја на каросеријата благодарение на алуминиумската основа со ситни честички и тонираниот безбоен лак создава рефлексии кои се менуваат од интензивна црвена до црна, во зависност од осветлувањето и аголот на гледање.

Cuorerosso во внатрешноста нуди распоред кој фаворизира форми што го опкружуваат возачот и патниците, со издолжена централна конзола и контролна табла инспирирана од 33 Stradale. Управувачот со три краци командува со steer-by-wire системот без физичка врска меѓу него и тркалата, но производителот ветува хаптички и акустични повратни информации за да се зачува чувството при возењето. Од техниката треба да се спомене дека е подготвен за сите видови хибридизација. Се најавува можност за високоперформансен погонски систем чија основа би бил 2,9 литарскиот V6 мотор, и тоа во конфигурација со погон на сите тркала кој би се обезбедувал со карданско вратило направено од јагленородни влакна. Ослонувањето е воздушно а сопирачките карбон-керамички од Brembo.

Навистина штета што ќе остане само визија за иднината.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER