Радикална трансформација на најпродаваниот автомобил на светот
Toyota го раздрма светот со концепт кој ја најавува новата генерација на Corolla кој би можел да стане сериски производ веќе идната или најдоцна 2027-ма година. Автомобилот скоро и да не може да се препознае дека ги носи гените и името на најпродаваниот модел во историјата на цивилизацијата кој во своите 12 генерации досега има стигнато до тираж од 55 милиони примероци.
Новото доба му донесе дизајн кој повеќе потсетува на футуристичко електрично купе отколку на традиционален семеен автомобил кој е дело на европското студио во Ница. Неговите остри линии, затворената маска и светлосниот потпис преку целата широчина на возилото јасно укажуваат во која насока марката сака да се движи во наредниот период. Од профил концептот Corolla изгледа како елегантна лимузина со четири врати а јасно се забележува и поклопецот на местото за полнење на батериите. Задниот крај донесува интегриран спојлер, целосна светлосна лента и голем натпис на ознаката на моделот. Сé делува модерно, чисто и визуелно значително поамбициозно од сегашниот автомобил.
Внатрешноста е толку футуристичка што тешко ќе преживее на патот до сериското производство. Минималистичката инструмент табла комбинирана од два екрани е во естетска складност со лебдечката централна конзола. Поголем дел од командите се преместени на воланот и околу екранот а седиштата изгледаат како уметничко дело.
Технички спецификации нема, ама од компанијата потврдија дека новата генерација ќе има мултиенергетски погон – електричен, хибриден, плаг-ин хибриден и бензински.

































