Засега во Австралија ама може да стигне и во Европа
Пикапите ширум светот се доста популарни, но не и во Европа иако Континентот има потреба од вакви робусни и издржливи возила наменети за тешка работа. Понудата е мала но тоа не им пречи на Кинезите да размислуваат за лансирање на своите модели во Европа, каде сигурно ќе најдат поклоници со квалитетите што ги имаат, пред сé цената. Сé што треба е да ги убедат купувачите дека изборот е вистински – производите ги имаат.
Еден таков е и MG U9 кој неодамна ја имаше својата австралиска премиера. На оние кои ја следат кинеската продукција моделот им е познат како Terron 9 или Interstellar X, кој некаде се продава под знакот на Maxus а некаде како LDV. Постои во дизел и електрична верзија која посетителите на хановерскиот IAA лани есента имаа можност да ја видат. Како и да е, името MG му додава дополнителна вредност и влијае на довербата на купувачите кои во Австралија сигурно ќе го подложат на најтешките задачи. Така, ако успее таму зошто не би успеал и во другите светски региони? Таква развојна и пазарна тортура впрочем помина и Ford Ranger.
MG U9 е долг 5,5 метри, широк малку над два, со меѓуоскино растојание од 3,3 метри и има 2,5 литарски дизел со 217 KS и 520 Nm. Трансмисијата е осумстепена од ZF со систем за погон на сите четири тркала од BorgWarner, а како опција се достапни и електронски контролирани блокирачки диференцијали на обете оски. Ослонувањето е независно напред со двојни попречни рамења а назад мултилинк, носивоста во зависност од верзијата од 770 до 870 килограми а може да влече приколка тешка и до 3,5 тони. Располага со низа интересни и практични решенија како што е задниот поклопец со електрично задвижување и вградениот преклопен степеник за полесен пристап до товарниот простор.
Цената во Австралија стартува од 30 илјади евра а гаранцијата му изнесува седум години без ограничување на километражата.




