Peugeot e-208 GTi (видео, фото-галерија)

Се роди нова легенда

После четириесет години Peugeot повторно ја оживува ознаката GTi која сега со помош на електриката ги комбинира традицијата со технологиите и перформансите со емоциите во возењето

Претставувањето на e-208 GTi кое се одржа на патеката на која се вози иконската 24-часовна трка Леман не само симболично покажува каде беше фокусот при креирањето на новата легенда. Посветувајќи го настанот на еден од најуспешните автомобили во Б-сегмент кој пленеше со своите сензуални перформанси, првите луѓе на Peugeot и Stellantis истакнаа дека гените на овој автомобил кој со својот нов концепт пионерски ги комбинираше задоволството во возењето со спортскиот но суптилен дизајн продолжуваат да живеат и во неговата електрична реинтерпретација.

Peugeot e-208 GTi како израз на современо време повеќе од кога било ги демонстрира своите квалитети преку уникатните перформанси и исклучителната секојдневна употребливост. Го прави француски харизматично, со елеганција и скромна дискреција, покажувајќи се пријателски само на оние кои знаат. Неговиот спортски став го истакнува за 30 mm спуштената каросерија со траги на тркалата проширени за 56 mm напред и 27 назад. Придонесуваат и големите 18-инчни тркала украсени со ознаката Peugeot GTi чиј дизајн е оптимизиран на ладење на сопирачките.

Ненаметливиот надворешен дизајн тактични балансира со емоциите благо и без претерување нагласувајќи ја спортската душа на автомобилот само со дополнителен преден спојлер и специфичен аеродинамичен дифузер сместен под задниот браник кој интегрира ново мало ЛЕД светло за магла затемнето во сјајно црна боја за поголема елеганција и дискреција. Затоа пак впечатливата и инспиративна атмосфера внатре внесува динамика и енергија со црвените подните простирки и деталите низ целиот ентериер во иста боја. Седиштата се спортски со интегрирани наслони за глава, а компактниот управувач кој како клучен елемент на задоволството при возењето е изработен од перфорирана црвена кожа во комбинација со алкантара, секако со црвен GTi амблем на него.

За вака подгреаната агилност во возењето се грижи електромоторот од 280 KS со импресивен вртежен момент од 345 Nm со кои e-208 GTi забрзува од 0 до 100 km/h за само 5,7 секунди, додека максималната брзина му е поставена на 180 km/h. За смирување на ситуациите кога страстите ќе преовладат се грижат диференцијалот со ограничено пролизгување интегриран во преносниот редукторот и сопирачките со челусти со четири клипа. За комплетно задоволство во возењето, неприкосновена безбедност и секојдневната удобност модификациите на подвозјето се направени од експертите на Peugeot Sport, а во Sport режимот на возење се ограничува делувањето на системите за помош за возачот да може да до максимум да ги искористи способностите на возилото на патека.

Батериите од 54 kWh по потекло од CATL располагаат со оптимизирано управување со специфичен систем за ладење прилагоден на високите перформанси кое ги штити при спортска употреба. Автономијата од 350 km се обезбедува со 4 часа и 40 минути полнење на куќен полнач од 7,4 kW вклучен во цената која засега не ја дознавме, a во случај на поинтензивна употреба на пример на патека, на станица за полнење од 100 kW капацитетот од 80% се постигнува за помалку од 30 минути.

Како и сите електрични модели на Peugeot, така и e-208 GTi има 8 години или 160.000 km гаранција и за возилото и за батериите.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER