Четвртата генерација на Flying Spur стана најмоќната лимузина на Bentley благодарение на новиот приклучен хибрид
На прв поглед нема да ви е јасно зошто Bentley промовираниот Flying Spur Speed го нарекува нова генерација. Разлики може да се забележат само ако добро го загледате.
Маската на ладилникот доби нова графика, преработени се браниците и ставени се нови светкави 22 инчни тркала. Одговорот лежи во погонскиот систем Ultra Performance Hybrid, кој дозволува овој рестајлинг Bentley да го нарече четврта генерација. Стариот шест литарски W12 мотор со 592 КС е сменет со хибриден твин-турбо V8 од новата ера, докажувајќи дека дури и најтрадиционалните луксузни марки можат да ја прифатат електрификацијата кога тоа значи поголема моќ.
Овој електрифициран модел е уште посилен. Тој има системски 782 КС и 1.000 Nm вртежен момент. Основа е четири литарски V8 мотор со твин-турбо и моќност од 600 КС и еден електричен мотор кој додава 190 КС. Покрај зголемувањето на силата во однос на пензионираниот W12 мотор за 19 проценти, спринтот од мирување до 100 км/ч го постигнува за само 3,5 секунди што е десет проценти пократко од стариот модел.
Електрифицираната природа на новиот Flying Spur Speed не се однесува само на поголема моќност туку и на зголемената електрична автономија. Батеријата од 25,9 kWh нуди опсег со нулта емисија од 76 км, со целосно полнење за 2 часа и 45 минути. Во електричниот режим се испорачуваат 190 КС и 450 Nm вртежен момент, а максималната брзина е ограничена на 140 км/ч.
Со полна батерија и полн резервоар со бензин, може да помине до 829 км. Bentley новиот Flying Spur Speed го наполни со многу софистицирана технологија во која е вклучена Bentley Performance Active Chassis со управување на сите тркала, Bentley Dynamic Ride потпирање, активно векторирање на вртежниот момент и електронски контролиран диференцијал.
Купувачите на Bentley сакаат разновидност и персонализација која е овозможена со огромна листа на можности за конфигурација. Опциите се вртоглави. Понудени се дури 101 боја и комбинации на каросеријата. Внатре има 22 основни бои на кожата, 11 секундарни нијанси и четири комбинации на бои, што резултира со 700 можни комбинации.
Потоа, има осум дрвени фурнири и три технички завршетоци, дозволувајќи им на клиентите да го изработат својот Flying Spur Speed како што сакаат. Секој нов Bentley мора да има одлични карактеристики што ќе ги заинтригираат купувачите со длабок џеб, а Flying Spur Speed не разочарува. За прв пат, опционалните Wellness Seating Specification се достапни на сите четири седишта, обезбедувајќи секој патник да остане опуштен, освежен и измасиран, работи кои го спречуваат заморот за време на возењето.
Во зависност на желбите за персонализација се формира и цената, а за неа во некоја друга прилика.


