Забрзува до 100 km/h за 5,7 секунди и достигнува 200 km/h
Volkswagen продолжува да ја шири понудата на ID.3 и после досегашниот топ модел GTX претставен во мај, сега ја понуди и неговата Performance верзија. Веќе самата ознака кажува дека се работи за помоќна изведба која располага со 326 коњски сили и 585 њутн-метри. Испорачани само на задните тркала, тие ќе му обезбедат забрзување до 100 km/h за 5,7 секунди и максимална брзина електронски лимитирана на 200 km/h. Батериите со нето капацитет од 79 kWh сместени во подницата можат да се полнат на 185 kW, што значи дека од 10% до 80% од капацитетот ќе требаат 26 минути. Целосно наполнети, со нив ID.3 GTX Performance може да помине 601 km.
Заради јачината на електромоторот модификуван е системот за ослонување кој располага со засилени стабилизатори и поголем број сензори на електронската контрола која е стандардна. Визуелно минимално се разликува од останатите модели на ID.3 по специфичниот преден браник со црни всисници за воздух, седиштата со интегрирани наслони за глава и црвени шевови,како и по посебните 20 инчни тркала. Цената во Германија изнесува 52.295 евра.



