Големиот семеен SUV од Д-сегментот пристигна во Македонија
Откако лани го доби своето редовно унапредување на средината на животниот век, сегашната четврта генерација на Kia Sorento претставена 2020-та година сега е на располагање и на македонските купувачи. Огромното освежување на надворешниот дизајн му дава впечатлив изглед, а во време кога безбедноста и удобноста се во првите редови во мислите на луѓето Sorento има технологија која е паметна, одговорна и нуди моменти на мир во движењето.
Семејниот SUV е достапен во конфигурации со 5, 6 или 7 седишта. Во верзиите со погон на две или на сите тркала ќе ги однесе своите патници каде и да посакаат да отидат. Моторизацијата е за секого според желбите, со дизел, хибридни или плаг-ин хибридни погонски единици. Sorento е најновиот модел на корејската марка што ја отелотворува дизајнерската филозофија Opposites United, покажувајќи како природата и модерното можат да коегзистираат отелотворувајќи ја футуристичка смелост за врвен изглед.
Габаритите се задржани на должината од 4,8 метри, широчината од 1,9 и височината од 1,7 метри кои гарантираат доволно простор за сите патници, колку и да ги има. Во внатрешноста широките хоризонтални линии дополнително се нагласени со минималната лента на внатрешното амбиентално осветлување која се протега од едната до другата страна на возилото околу отворите за воздух. Заоблениот екран и екранот на допир со повеќе режими создаваат чувство на висока технологија и модерност, рачката на менувачот е редизајнирана, а црната облога на покривот, металните педали и панорамскиот покрив на новиот Sorento му даваат технички, храбар и модерен изглед.
Во поглед на моторизацијата со Sorento се истакнува рамнотежата меѓу новото и веќе одомаќинетото. Најинтересна опција е плаг-ин хибридот кој доаѓа со 1,6 литарски турбо мотор, батерии од 13,8 kWh и шестстепен автоматски менувач, стандардно со погон на сите тркала. Обичната хибридната варијанта може да се добие и со погон само на предните тркала, како и верзијата со 2,2 литарскиот дизел спарен со осумстепен менувач со двојна спојка.





