Линијата електрични возила на Kia е дополнета со четврти модел
Новиот електричен кросовер по големина е близок на Niro но за разлика од неговата мултиенергетска платформа ја користи наменската E-GMP архитектура како и другите модели на Kia со префикс EV. Должината од 4,3 метри и фактот дека после пазарното дебитираше во Кореја многу бргу ќе се најде во Европа кажува кон кои региони беше насочен фокусот при неговото конструирање. Стилски одговара на Opposites United дизајнерската стратегија со тоа што линиите иако многу слични на EV9 му се малку поблаги.
Напредната платформа замислена да вдоми широк дијапазон електрични возила обезбедува раскошен простор за патниците. Умните решенија на дизајнерите пак нејзина напредна функционалност. Така на пример централната кутија меѓу предните седишта може да се претвори во масичка под која се наоѓа дополнителна полица со држачи за чаши и подлога за безжично полнење. Багажникот со под на две нивоа има на располагање 460 литри односно 1.250 со преклопени задни седишта, а во предниот дел се наоѓа дополнителен простор од 25 литри првенствено наменет за чување на каблите за полнење. На предниот панел се монтирани три екрани – два од по 12,3 инчи за инструментите и мултимедискиот систем и еден од 5 инчи меѓу нив за контрола на климатизацијата. Пофално е тоа што неколку копчиња за брз пристап до честите функции се задржани, плус оние на управувачот.
Познатата платформа за прв пат доаѓа во поедноставена форма со погон на предните тркала. За нив е задолжен електромотор од 204 коњи кои се доволни Kia EV3 да забрза до сто километри на час за 7,5 секунди. Подоцна се очекува и помоќна GT варијанта, веројатно со два електромотора. Времетраењето на патувањето со едно полнење ќе зависи од изборот на батериите – стандардната со капацитет од 58,3 и поголемата од 81,4 киловат-часа. Автономијата поединечно не е позната – објавено е само дека се искачува до 600 километри. Брзото полнење ќе освежи 80 отсто од капацитетот за 31 минута, а возилото поддржува и напојување надворешни уреди со електрична енергија.
Почетокот на производството е закажан за летово во Кореја. Ценовниците сé уште не се објавени – очекуваното ниво е некаде околу 35 илјади евра.




















