Македонскиот автомобилски ас следната сезона во Европскиот шампионат на ридско брзински патеки ќе настапува со Ferrari
Освојувањето на третата европска титула донесе голема радост за потврдениот автомобилски ас, а неговата верна публика, впрочем како и цела Македонија, е гладна за нови триумфи на европскиот асфалт.
Иџе застана на европскиот трон освојувајќи најмногу поени од сите возачи во годинешниот шампионат. Тој во генералниот пласман со Hyundai i30N TCR настапуваше во „Група 2“ и прокнижи 193 поени, седум повеќе од второпласираниот, кој патем речено, беше зад воланот на Porsche 997 GT3R и настапуваше во повисоко рангираната „Група 3“.
Вечерва Иџе заедно со неговиот тим, во прекрасна атмосфера и во присуство на голем број негови фанови го претстави возилото со кое во сезоната 2024-та ќе атакува на својата четврта европска титула. Овој пат влоговите се многу поголеми. Извонредниот Иџе идната сезона ќе ги „пегла“ ридските патеки низ Европа со специјално подготвениот Ferrari 488.
Тоа е голема привилегија и признание за Иџе бидејќи ергелата Ferrari, иако дебело ги наплатува своите специјално подготвени возила, не дозволува било кој да се натпреварува со нив. Наскоро ќе ги имаме сите детали за возилото и плановите на тимот на Иџе. Ние и целата македонска публика му посакуваме следната година да му биде подеднакво успешна како оваа, и повторно да ги потврди своите возачки квалитети во повисоката класа. НАПРЕД ИЏЕ!!!



