Со сеопфатни промени во погонската група, шасијата, дизајнот и опремата, Porsche фундаментално ја промени третата генерација на Cayenne
Новиот Cayenne дебитира како модел кој добил една од најобемните надградби во историјата на Porsche. Рафинираниот дизајн кој му дава особено експресивен изглед доаѓа од новиот преден дел кој во комбинација со посилно заоблени крила, нова хауба и технички привлечни светла ја нагласува ширината на возилото. Тридимензионално дизајнираните задни светла и новиот заден браник со интегриран држач за регистарски таблички го карактеризираат дизајнот на задниот дел на новиот Cayenne.

Целосно ревидираниот концепт на дисплеј и контрола во новиот првпат претставен во Taycan, се фокусира на возачот. Функциите што ги користи се наоѓаат директно на управувачот или веднаш до него, како рачката на менувачот. Клучна карактеристика на новиот Porsche Driver Experience е правилната рамнотежа помеѓу дигиталните и аналогните елементи. Редизајнираниот кокпит вклучува целосно дигитална 12,6-инчна табла со инструменти со таканаречен заоблен и варијабилен екран, а head-up дисплејот е достапен како опција. Централниот дисплеј хармонично се интегрира во новата контролна табла и обезбедува пристап до сите релевантни функции на возилото. Екранот на совозачката страна го збогатува искуството во возењето со прикажување податоци за перформансите, обезбедување посебен пристап до контролите на системот за инфозабава и опција за прикажување на видео содржини. Дисплејот поставен пред совозачот не се гледа од страна на возачот за да не го одвлекува неговото внимание. Porsche воведе и систем за квалитет на воздухот во новиот Cayenne чии сензори го детектираат нивото на ситни честички прашина во воздухот, кој се рециркулира низ филтерот за ситна прашина повеќе пати доколку е потребно.

Активниот систем за контрола на ослонувањето со амортизери со технологија со два вентила и одделни фази на враќање и компресија, овозможуваат оптимизирани перформанси во сите ситуации на возење. Возачкото искуство може дополнително да се подобри со новото адаптивно воздушно ослонување, со поостро диференцирање на режимите на возење. Покрај тоа, возачите можат да користат сеопфатен опсег на нови и оптимизирани системи за помош. Тука спаѓаат активното ограничување на брзината, помошта во свиоци и подобрениот Porsche InnoDrive како дел од адаптивниот темпомат.

Новиот Cayenne дебитира со три различни погонски верзии. Усовршениот четирилитарски V8 битурбо мотор кој го заменува претходниот V6 мотор во новиот Cayenne S има максимални 474 KS и го забрзува до 100 km/h за 4,7 секунди. Основната варијанта на Cayenne доаѓа со оптимизиран трилитарски V6 турбо мотор, кој сега генерира 353 КС. Шестцилиндричниот мотор, исто така, е основата за погонската група на Cayenne E-Hybrid, која во комбинација со новиот електричен мотор сега има комбинирана моќност од 470 КС. Опремен со високонапонска батерија со зголемен капацитет на 25,9 kWh, овозможува чисто електрична автономија до 90 километри.
Новите модели се достапни за нарачка веднаш, а испораката во Македонија ќе започне во текот на летото оваа година.





























