Офанзива во најава
објавено на 29 октомври 2021
Škoda од Volkswagen доби деликатна задача – посилно да настапува на пазарите во развој. Стартот е закажан од Индија, каде наредната годинава ќе биде лансиран новиот седан Slavia. Доста значаен за чешката марка, овој модел ќе го замени тамошниот Rapid кој е различит од оној што ние под тоа го познаваме. Ќе има многу што заедничко со Volkswagen Virtus, кој всушност е седан верзија на Polo. Но и покрај потеклото должината му изнесува 4,54 а широчината 1,75 метри. Тоа го прави голем колку втората генерација на Octavia, од која има за 7 сантиметри поголемо меѓуоскиното растојание. Токму овие бројки кажуваат за сериозноста на Škoda во амбициите за репозиционирање на нејзиниот глобален настап.

Веќе е потврдено дека Slavia во Индија ќе биде достапна со два бензински агрегати. Помалиот е трицилиндричен еднолитарски со 115, а поголемиот 1,5 литарски со 150 коњи. Стандардно ќе бидат спарени со шестстепен мануелен менувач, но со доплата послабиот мотор ќе се добива со автоматика, а посилниот со седумстепена DSG трансмисија. Чесите кои во индискиот пазар ќе инвестираат милијарда евра ги истакнуваат уште безбедносните системи и за таму високото ниво на стандардна опрема. Опционално пак Slavia ќе може да се добие и со задна камера, темпомат, дигитална инструмент табла и други кај нас вообичаени нешта.


