Facelift и над 1000 коњи за S и X
На критиките Илон Маско одговара во негов стил…
објавено 01. февруари 2021
Од самото појавување во 2012 година Tesla Model S се вбројува меѓу најбрзите седани на светот. Сепак, обично се наоѓа на средната лента на автопат бидејќи колку и да е извонредно забрзувањето, опсегот се намалува ако ги користите атлетските можности. И тогаш неизбежно следи продолжената пауза за полнење. Сега Tesla ја дотера остарената лимузина по втор пат и истовремено промовира нов погон со над 1000 КС! Однадвор, хечбекот изгледа помазно и средено и има нови бандажи.

Внатрешноста е многу поелегантна од порано, а како посебно остварување во управувањето е скратениот волан. Оваа идеја за масовна употреба подолго време ја разгледуваше Групацијата VW, но не успеа да биде прва на пазарот. Теоретските перформанси на Model S, кој е достапен во три варијанти, не се за сомневање. Дури и основната верзија со ознаката „Максимален опсег“ треба да може да забрза од 0 до 100 км/ч за 3,2 секунди и да достигне максимални 250 км/ч. Моделот „Plaid“ има три мотори и 1020 КС, доволни да го исфрлат од мирување до стотка за само 2,1 секунди и крајни 322 км/ч!

Врвот на понудата е моделот „Plaid +“ со над 1100 КС и забрзување што Tesla го декларира дека е „испод 2,1 секунда“. Опсегот треба да биде помеѓу 628 и 837 километри под претпоставка дека ќе се вози со многу воздржан стил. Патем, промени се објавени и кај многунаменскиот Model X, кој е опремен со атракивни ”галебово крило” врати. Поради габаритите опсегот е помал а крајната брзина достига 262 км/ч. Останува во реалност да видиме колку се издржани информациите на производителот. Во пракса се покажа дека перформансите на забрзувањето во моделите на Tesla значително паѓа по првите обиди, а возилата честопати не можат да ја одржат одредената максимална брзина. Во Германија за Model S, цените се 86.990 евра за почетната верзија, 119.990 евра за Plaid и 139.990 евра за варијантата Plaid +. Секој што ќе ги порача сите додатоци вклучително и таканаречениот „автопилот“ треба да ”инвестира” 158.700 евра. Моделот Х, во зависност од верзијата чини помеѓу 95.990 и 116.990 евра.



