Пристигнува за да ја смени историјата
Привлечен и модерен, Volkswagen Nivus пристигнува за да ја смени историјата
Објавено на 29 мај 2020 година
За да ги зацврсти позициите во кросовер-арената, Volkswagen ги впрегна своите глобални ресурси. Давајќи му целосна доверба на своето бразилско одделение, од таму ни пристигна најновиот ваков модел. Наречен е Nivus и на прв поглед се забележува дека е направен да им се допадне на помладите купувачи. Го издаваат поагресивниот преден дел со потенки светла и издолжената купе силуета кои му даваат подинамичен изглед. Задниот дел му е благо попривлечен за око, а силниот персоналитет го заокружуваат нагласениот спојлер на покривот и големите тркала.
Дели многу што заедничко со T-Cross, но за разлика од него заради повисокото растојание од подлогата и пластичните заштити на каросеријата делува поробусно. Со должината од 4,27 метри сепак е поблиску до поголемиот T-Roc, а има и солиден багажник од 415 литри. Во внатрешноста која повеќе наликува на Polo се истакнуваат дигитална инструмент табла и централниот дисплеј. Не се испуштени ниту трендовите, заради што добар дел од неговата он-лајн презентација беше посветен на мултимедискиот VW Play систем развиен во Бразил. Не се заборавени ниту безбедносните асистенти, со кои јужноамериканските возила и не можат баш да се пофалат.
Nivus ќе биде лансиран на домашниот пазар наскоро, а после тоа и во околните земји. Во Европа ќе пристигне во втората половина од идната година, а планирано е да се произведува во Volkswagen-овата фабрика во Шпанија. Засега се познати спецификациите само за Бразил каде ќе се нуди со еднолитарски TSi мотор. Тој кога ќе троши бензин ќе развива 115 коњски сили, а на етанол дури 128. Впарен е со шестстепен автоматски менувач, а за погон на сите тркала нема ниту збор. При крајот на годинава треба да се знаат и европските модели, кои се очекува да бидат задвижувани од 1,0 и 1,5 литарски бензинци. Веројатно ќе има и дизел верзија, а сигурно ќе биде понуден и со мануелен менувач. Постојат гласини дека ќе се појави и во Северна Америка, но тоа е тешко веројатно.



