Ексклузивно – BMW i7 прво возење

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Баварскиот фантом

На ексклузивниот настан во Јужна Африка се соочив со новата BMW Серија 7. По шест последователни генерации, секоја воведувајќи иновации или нова технологија, доаѓа целосно новиот G70 и, за прв пат, целосно електричен модел наречен i7.

Со i7 водечката лимузина на компанијата прави елегантен влез во електричната ера, нудејќи погон на сите тркала и импресивен опсег на возење што треба да ги задоволи потребите на поголемиот дел од неjзините купувачи. Со седмата генерација на својата лимузина BMW веќе го надмина премиум сегментот и започнува нов поход во својата историја, овој пат во друштвото на луксузните возила. Сходно на тоа стилот на i7 е поларизирачки. Впечатокот од досега гледаните фотографии и видеа паѓа во вода и веднаш се добива сосема поинаква емоција. Појавата е колосална. Масивните пропорции се врамени со впечатлива предница и динамично формиран заден дел. Огромни бубрежни решетки (сега осветлени околу нивниот периметар) се растегаат до дводелниот распоред на предните фарови, станаа потпис на електричните модели од луксузната класа на марката. Тие поделени фарови ги сочинуваат дневните светла во тенкиот горен дел, а опционално LED диодите можат да бидат накитени со кристали од Сваровски создавајќи импресивен светлосен ефект додека се приближувате до автомобилот ноќе. Долгите светла се наоѓаат во долниот дел зад затемнето стакло за да бидат помалку впечатливи кога не се користат. Додека претходните генерации на Серијата 7 беа достапни во две должини, овој пат има само една, со вкупна должина од 5,4 метри што го прави да делува импозантно. На каросеријата нема видливи разлики помеѓу електричната и верзиите со мотори со внатрешно согорување, освен амблемите со ознаките и суптилни сини акценти резервирани само за i7. Опционално е понудено каросеријата да биде биколорна, остварување што ја прави појавата да биде зашеметувачка и магично привлечна. Токму во овакво издание Серијата 7 е нешто посебно, делува префинето, наметнува стравопочит и далеку се издвојува од останатите возила што се движат на асфалтот. Добро, можеби не до таа мерка доколку го делите патот со некој Rolls-Royce. Во описот на новата Серија 7 производителот нагласува дека ова е првата седумка која е наменета да служи и како вистинска шоферска лимузина. Наменета e на оние чие време е скапоцено и претпочитаат да бидат возени, наместо самите да возат. Првиот дел од возењето на i7 беше наменет да се презентира хедонизмот кого го овозможува овој автомобил. На паркингот ме чекаше возилото додека добредојде ми посака мојот шофер. Рачките на вратите вешто се вклопени и доволно е само да притиснете на копче автоматски да се отворат или затворат електрично. Комплет сензори и ултразвучни скенери проверуваат дали има предмети или луѓе околу возилото пред целосно да се отворат. Тогаш доаѓате до нова фасцинација, внатрешноста на i7. Севкупниот амбиент изобилува со луксуз и електроника. Скоро целата внатрешност е обложена со кожа чија доработка наликува на скапа гарнитура за седење. Перфорираните површини и дијаголналните штепови го интензивираат впечатокот дека во ниту најмал детаљ не се направени компромиси. Со влегувањето на ВИП позицијата, дијагонално зад возачот, станува јасно дека сте во сериозна лимузина скроена за очекувањата на клиентела со префинет вкус и очекувања. Кога забележа дека сум сместен, возачот ги затвори автоматските врати и возењето започна. Простор има во изобилие, особено за нозете. Веќе во првите километри станува јасно дека се возите во луксузна лимузина. Помалку ми беше необично што бев изолиран од надворешните звуци, а движењето на лимузината е проследено со тишина и извонредна удобност. Патот се постилаше покрај атлантскиот брег кого го галеа долги распенавени бранови, а низ свиоците i7  како да лебдеше. На небото високо се издигна африканското сонце позлатувајќи ги хектичните пејзажи накитени со океан, зеленило и високи карпести планини. Незнам што повеќе ме фасцинираше. Дали погледот или престојот во баварската лимузина. На задните врати интегрирани се екрани на допир од пет инчи преку кои се манипулираат доста функции на автомобилот што не се поврзани со возењето како што се клима уредот, прилагодувањето на седиштата, ролетните на панорамскиот покрив, страничните стакла и задниот ветробран, како и управување со опционалниот „Театар дисплеј“. Се уште уморен од долгиот лет сакав да го наместам своето седиште. На дисплејот ја избрав релаксирачката позиција и трансформацијата започна. Совозачкото седиште се помести во крајна позиција напред, наслонот се наклони нанапред додека наслонот на моето седиште почна да се поставува во полу лежечка позиција. Долниот дел од седалката почна да се крева и за петнаесеттина секунди бев испружен во релаксирачка позиција. Со желба да се разликува од конкуренцијата кога станува збор за забавата во автомобилот, BMW создаде 31-инчен екран кој електрично се лизга надолу од покривот додека ја крева задната ролетна за да им понуди на оние во задниот дел нов начин да ги гледаат нивните омилени серии,  да употребуваат други онлајн сервиси или да гледаат филм додека се во движење. Овој екран може да достигне резолуција од 8К и ја трансформира лимузината во кино сала. На ова се приклучува извонредниот аудио систем чија репродукција на звук е достојна за сите можни сценарија. Од следење на филм, до трансформација во концертна сала. Доколку би требал да конфигурирам возило во ниту еден случај не би ги прескокнал овие опции. Вакoв систем за забава не сум сигурен дека го има во Rolls-Royce. Секоја чест на технологијата, но желбата да уживам во прекрасните, нови за мене, предели низ кои ме возеше мојот шофер беа аргумент да се препуштам на обиколката. Ги вклучив масажерите на седиштето, ја подесив вентилацијата и се препуштив на уживањето… Господине, пристигнавме, ве чекаат на ручек. Помлаку изненаден и збунет, сватив дека сум спиел повеќе од еден час. Некако не ми се излегуваше од „мојата“ палата на тркала. Да бидам искрен се прашавував во себе, дали би било непристојно да побарам наместо ручек да ја повториме рутата и да го продолжам сонот на богат ВИП-овец на нај јужниот крај на Африка? Паузата за ручек добро ми дојде за да се вратам во мојата вистинска улога. Слично на неколку од поновите модели на BMW, вклучувајќи го и електричното спортско-корисно возило iX, i7 ја доби контролната табла наречена „Заоблен дисплеј“. Овој дизајн со широк екран е составен од 12,3-инчен дисплеј на инструментите и 14,9-инчен екран на допир, интегрирани зад еден панел. Овој склоп функционира со помош на последната генерација оперативен систем на BMW OS8, подржува 5G мрежа додека екранот за инфо-забава има дополнителни два модуси на работа. Новата „лента за интеракција“ го опфаќа долниот дел од контролната табла и се протега помеѓу вратите. Со кристален изглед се осветлува одзади и прикажува различни бои во зависност од режимот на возење и функцијата. Некои контроли чувствителни на допир се поставени во оваа лента која, патем речено, уредно ги покрива отворите за воздух, кои се импресивно витки. Предните седишта на i7 нудат речиси бескрајно прилагодување за да ви помогнат да ја пронајдете вашата идеална позиција на седење, а во нив можете да имате функции за греење, ладење и масажа. Тишината е генерално очекувана кога се патува во серијата 7, но BMW ги удвои напорите за префинетост при создавањето на i7. Импресивно ниското ниво на децибели во кабината во голема мера се должи на инженерството, а не на каква било технологија за поништување на бучавата, иако оваа последна станува вообичаена карактеристика во индустријата. На пример, електричните мотори се инсталирани со специјални држачи кои ги изолираат од каросеријата за да се минимизираат сите вибрации. Дури и единицата за греење, вентилација и климатизација под хаубата е затворена во посебен контејнер за да биде тивка. Пневматиците пак се обложени со пена за да се намали бучавата од патот. Крајниот резултат е импресивно спокојно возење што го прави i7 убав за возење особено на подолги растојанија. Срцето на i7 лежи во подот наместо испод хаубата. И покрај неговата голема батерија од 101 kWh, каросеијата не е повисока од верзиите со приклучен хибрид на Серијата 7. Тоа малку варира благодарение на стандардно приспособената адаптивна воздушна суспензија, која може да ја подигне висината на возењето на автомобилот за 20 мм за да обезбеди поголема удобност при поминување на нерамни површини на патиштата. Спротивно на тоа, кога ќе се избере поставката Sport, автомобилот се спушта за 10 мм, а тоа се случува без оглед на режимот кога брзината ќе помине 140 km/h. Адаптивната воздушна суспензија работи во тандем со систем за стабилизацијата за да го одржува автомобилот изолиран од влијанието на какви било непријатни маневри и нагли скршнувања. Може активно да ја приспособува висината на каросеријата од едната страна додека сте во свиок, што е сосема очигледно на таква маршрута каде чувствувате дека автомобилот останува порамнет во однос на патот. Острите свиоци не се оптоварување за долгиот i7 бидејќи, доколку е вграден опционалниот систем за интегрално активно управување, задните тркала може да се свртат до 3,5 степени спротивно на предните, намалувајќи го аголот на вртење. При мали брзини или при паркирање, управувачот на задните тркала го намалува кругот на вртење на автомобилот за речиси еден метар. BMW користи поставка со двоен мотор за i7 xDrive60, каде што моторот на задната оска произведува 230 kW (313 КС) наспроти 190 kW (258 КС) на предната оска. Неговата испорака на енергија е импресивно мазна и двата мотора можат да го придвижат i7 од стоечки старт по 100 km/h за 4,7 секунди, извонреден податок за автомобил со тежина од 2.715 кг. Она што е подеднакво импресивно е дека иако овој автомобил е способен да испорача силни динамички карактеристики, сепак успева да го направи тоа без да ве тресе низ кабината. Имајќи на располагање 745 Nm вртежен момент прави голем дел од таа тежина да изгледа како да се топи. i7 може да се претвори во вистински спринтер, иако тоа всушност не е она за што се работи за овој модел. Иако BMW вели дека новата Серија 7 е наменета и како шоферска лимузина, поголемиот дел од клиентите претпочитаат да возат, наместо да бидат возени. Јас во потполност се согласувам со ова второто. Целодневното дружење ми овозможи две задоволства. Уживав во благодетите да бидам возен, но далеку поголемо задоволство ми пружи кога возилото беше под моја команда. Во инает на колосалните пропорции i7 лесно се управува. Кога сте зад управувачот претходно опишаната техника прави да ги занемарите пропорциите и големата тежина. Едноставно се препуштате на задоволството на возењето кое е проследено со прецизно управување и извонредна маневрабилност. Без оглед дали крстарите низ свиоци, автопат или се пробивате низ градски сообраќајници 5,4 метри долгата каросерија се однесува како да управувате со купе. Интеракцијата и одговорот на командите на возачот е каква може да се посака оправејќи ве да се чувствувате како апсолутен господар во било која ситуација. Дивеењето низ свиоците, што многу лесно го овозможува силата и вртеќниот момент проследени се со правилно владение на каросеријата која е скоро невозможно да се исфрли од баланс. Иако луксузна и електрична лимузина, i7 ги сочува манирите на вистинско BMW. Особено ме радува што BMW и кај своите електрични модели го задржа својот ген и претставува марка која нема компромиси кога се возните својства во прашање, без оглед дали се работи за класичен погон или пак на струја. Тоа го заклучив и кај далеку помалиот, но подеднакво зрел i4, а i7 претставува круна во секој поглед. Сепак електричните возила се скроени да претставуваат едно ново време, време во кое возачките страсти треба да бидат заменети со прагматичност. Според декларираните вредности i7 со своите батерии од 101,7 kWh може да помине од 590 до 625 километри. Јас не бев толку внимателен. Кај мене проработеа емоциите кои ги поттикна извонредната механика и управливост. Ми беше предизвик нагорниците да ги форсирам што можам поагресивно, уживајќи во сета сила и моќ што се испорачуваше од двата електро-мотори. Во секој свиок провоцирав, очекувајќи да го извадам од колосек баварскиот крал. Тоа не ми успеа. Тој беше благороден и стоички одолуваше на моите варварски мотиви. Дури не успеав да слушнам врескање од пневматиците. Дури и на моменти помислувам дека лебдам над патот иако сите четири тркала беа прилепени на асфалтот. Планираната рута полека се приближуваше до своето финале. Потполно обземен од впечатоците посакав ова искуство да се повтори. И на крај кога ги сумирав резултатите на претходно ресетираниот борд компјутер, од неверник полека станувам следбеник. Просечната потрошувачка ме стаписа. Само 20 киловат часови на изминати 100 километри за некого се дискутабилни и се повисоки од она што го декларира BMW. Со таквата опаска можам да се сложам, но само под услов мојот стил на возење да беше како мајка која го вози своето дете. Зад управувачот се однесував секако, само не во склад на очекуваните манири својствени на одговорен корисник на електрично возило. Со споменатата просечна потрошувачка од 20 киловат часови и офанзивен стил на возење би можел да поминам нешто повеќе од 500 километри. На овој, според мене, одличен просек несебичен придонес даде регенеративниот систем на сопирачките, но и програмирањето на главниот компјутер кој го прилагодува алтернативното регенеративно снабдување на батеријата со енергија според стилот на возењето. Колку далеку ќе стигнете до совпаѓањето со официјалните податоци на BMW ќе зависи од тоа како возите, но за време на моето управување со автомобилот се чинеше дека одлично менаџира со неговата потрошувачка со оглед на мешаните услови за возење. BMW i7 xDrive60 е нешто посебно. Тој е вистинска палата на тркала исполнета со сите луксузи кои можете да ги посакате, а и оние за кои многумина од нас немаат толку имагинација да ги замислат. Дигитализацијата на целиот автомобил ги дава сите придонеси на новите технологии правејќи подеднакво да се чувствувате возвишено како патник и како возач. И покрај ориентацијата ова да биде лимузина во која богатите ги возат, сигурен сум дека многу често газдата ќе ги бара клучевите од шоферот и самиот ќе ужива во управувањето на скапата лимузина. Тоа на споствениците на Rolls-Royce сигурно нема да им се случи.  

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER