24 часа возење на електрични автомобили :: Трка во која победи иднината

Top News Возевме Ексклузивно

Трка во која победи иднината

На патеката НАВАК ги возевме четирите најпродавани електрични автомобили во Европа – VW e-Golf, Renault Zoe, Hyundai Kona и BMW i3

Објавено на 14 април 2019 година
автор: Крумислав Барзов

Не е прв пат да се дружиме со електричните автомобили. Тие ширум светот веќе не се иднина туку сегашност, заради што решивме низ оваа електрична трка и регионов да го приближиме на тој тренд, да испишеме уште една страница од историјата на автомобилизмот кај нас. За овој тест ја користевме комплетната патека на центарот НАВАК, секако без теренскиот полигон. Еден круг е долг три километри и се состои од 12 свиоци и еден правец долг преку километар. Токму свиоците им даваат шанса на сите автомобили во текот на кочењето и забавувањето да собираат енергија и да ги дополнуваат батериите, а правецот е симулација на отворен пат. Правилата на трката велат дека секоја екипа од двајца новинари го има на располагање секој автомобил по шест часа, вклучувајќи го и времето на полнење. Накратко кажано, секој возач за 24 часа помина зад управувачот отприлика 12 часа.

Како претставници на домаќинот, редакцијата на САТ од Србија учествуваа Младен Алвировиќ, Александар Цветковиќ, Дарко Гигиќ и Мирјана Бачкоња. Од Словенија пристигна Душан Лукич, дел од тестот од Хрватска беа Марко Томац и Озрен Адамовиќ, а од Македонија Крумислав Барзов

Задача на секој возач на тестот беше да помине што повеќе километри за што пократко време. Тоа значи дека не се исплатеше да се вози полека само заради штедење, но не се исплатеше ниту брзо да се вози бидејќи батериите пребрзо се трошат. Вистинскиот баланс беше тешко да се постигне, посебно заради тоа што вообичаените правила за штедливо возење тука не се целосно применливи. Најмал и најлесен меѓу натпреварувачите беше BMW i3. Долг е едвај над четири метри и тежок околу 1.300 килограми. Го задвижува мотор од 125 киловати односно 170 коњи, кој му обезбедува забрзување до стотка за 7,3 секунди. Со четири метри и осум сантиметри Renault Zoe е само за нијанса подолг, но вкупно е потежок за близу 200 килограми. Тој има мотор од 68 киловати и доста послаби перформанси – забрзување до сто за 13 секунди и максимални 135 километри на час. Иако така не изгледа, и Hyundai Kona е прилично компактен – долг е четири метри и 18 сантиметри. Бидејќи е лансиран неодамна, тој воедно е и најнов модел во оваа група. Има мотор од 150 киловати но заради батериите од 64 киловат-часа е тежок близу 1.700 килограми. Тоа не пречи од место до сто да забрза за 7,6 секунди и да вети максимум од скоро 170 на час. Најголем во оваа група е Golf со своите четири метри и 27 сантиметри. Тежок е отприлика како и Kona, а со своите 100 киловати до сто на час стигнува за 9,6 секунди.

време поминато на полнач за 24 часа
BMW i3: 3 часа 53 минути 24 секунди
Hyundai Kona: 4 часа 12 минути 29 секунди
Renault Zoe: 4 часа 30 минути 43 секунди
VW e-Golf: 4 часа 43 минути 57 секунди

Во текот на тестот просечното време кое автомобилите го поминаа на полнач е меѓу 30 и 45 минути. Исклучок е Kona, но кај него батериите се поголеми. Причина зошто не ги полниме преку 80 отсто е тоа што последните 20 проценти се полнат далеку побавно. Велат дека полнењето на батериите потсетува на доаѓањето на публика во театар. Додека е празно до седиштето лесно се стигнува, но кога ќе се наполни цел ред мора да стане за еден гледач да седне на средина. Брзината на полнење зависи и од температурата на батериите, така што возилата со активно ладење како што е Kona можат побрзо да повлечат струја отколку оние без него. Автомобилот е тој што командува со полначот и му кажува колку струја да повлече. Не е како бензинска пумпа која секој резервоар го полни со гориво со иста брзина. Дополнувањето на батериите од 10 до 80 проценти наполнетост досега воглавно значи дека полначот испорачува 20, 30 или 35 киловат-часа. Толку влечат Renault, BMW и Golf. Kona за да ги наполни своите поголеми батерии повлекува и 40 до 50 киловат-часа.

Причината зошто сите наши тест возачи велат дека електричните автомобили се забавни лежи токму во фактот дека тие имаат доста изразено моторно кочење. Можете да ги возите со километри и никаде да не притиснете на сопирачката. Некаде како кај Hyundai можете да го подесите степенот на тоа кочење, а некаде како кај Golf тоа со еден потег на рачката на менувачот се вклучува или исклучува. Во текот на кочењето електромоторот работи како генератор и ги дополнува батериите, заради што се вика регенеративно кочење или рекуперација. Со Renault Zoe на пример, за 150 километри возење по патеката на центарот НАВАК може да се повратат и до четири-пет киловат-часа, односно до 20 отсто од капацитетот на батериите. Исто така оценката дека се забавни за возење доаѓа и од фактот дека секој електромотор го става на располагање целиот вртежен момент веднаш штом се притисне педалата за гас и автомобилот забрзува како ракета истиот момент. Нема чекање на порастот на сила како кај бензинците и дизелите, заради што и најслабиот и најмал електромобил делува динамично.

вкупна потрошувачка на енергија за 24 часа
Hyundai Kona: 230 kWh (1.274 денари) за 1.287 km
BMW i3: 188 kWh (1.041 денар) за 1.252 km
VW e-Golf: 167 kWh (925 денари) за 1.188 km
Renault Zoe: 199 kWh (1.102 денари) за 1.177 km

Верувале или не, целиот овој тест во смисла на потрошената електрична енергија според македонските цени на струјата чинеше помалку од четири ипол илјади денари. За вкупно поминати близу 5.000 километри сите автомобили заедно потрошија 786 киловат-часа. Додуша патните компјутери на автомобилите велат дека вкупната потрошувачка на сите заедно е 722 киловат-часа, што значи дека разликата од 64 е изгубена при полнење или дека тоа што го пишува на инструмент-таблата не е сосема вистинито. Било како било, најмногу струја потроши Hyundai Kona – 230 киловат-часа. Следи Renault Zoe со 199, трет по потрошувачка е BMW со 188, додека најмалку потроши Golf – само 167 киловат-часа. Во просек на секои 100 километри беа потребни 14 до 18 киловат-часа, односно меѓу 77 и 100 денари. Со други зборови, ваквите електрични автомобили имаат потрошувачка како дизел кој просечно троши едвај литар до два гориво. Но дизелот бара редовно одржување на моторот што кај овие не постои.

вкупно трошоци за 5.000 km: 4.500 денари
вкупна потрошувачка на полначот: 786 kWh
вкупна потрошувачка во возилата: 722 kWh
8% помалку отколку што е повлечено од полначот
просечна потрошувачка: 14-18 kWh/100 km (77 до 100 денари)

Во текот на тестот најчесто на полначот беше Zoe, дури осум пати. BMW и Golf се полнеа по седум пати, додека Kona паузираше само четири пати. Сепак вкупното време поминато во полнење на батериите е најкратко кај BMW а најдолго кај Golf, што во некоја рака и влијаеше на конечните резултати. Но без разлика какви се тие, едно е сигурно – електричните автомобили не доаѓаат на пазарот за да на нив се заштеди туку заради потребата загадувањето од градовите да се измести или потполно исфрли, заради фактот дека фосилните горива во иднина ќе ги има сé помалку и дека цената постојано ќе им расте, заради иднината на нашите деца кои струјата ќе можат да ја произведат на многу различни начини, почисти и поефикасни отколку ние денес.

клучни зборови: , , , , , , ,