Фабриките се затвораат, но ќе се платат ли работниците?!

Фабриките се затвораат, но ќе се платат ли работниците?!

Објавено на 20 март 2020 година

Веќе не е вест дека некоја фабрика ги затвора своите погони – вест е ако некој објави дека и покрај сé, продолжува со работа. Таква последна беше онаа на Елон Маск за Tesla, чии производствени капацитети принудно од полицијата беа затворени. До овој момент практично не остана никој од големите производители на автомобили во Европа и САД да работи. Првите најави за прекинување на производството стигнаа одамна и за нив како причина беше наведен недостатокот на делови и компоненти од Кина. Следеа неколку примери кога компаниите меѓу своите вработени открија заболени од коронавирусот, но и тогаш реакциите беа релативно млаки и како причина за главно краткотрајното затворање на монтажните ленти се споменуваа чистењето (внимавајте – чистењето, не дезинфекција!) на погоните.

Но откако стана јасно дека општеството го загуби компасот во битката со вирусот, сега сите се натпреваруваат кој попрв ќе каже дека ги затвора своите фабрики од вчера, денес или утре, на волку или онолку време. Досега тоа го сторија Volkswagen, Mercedes, BMW, Renault, General Motors, Ford, PSA, Fiat Chrysler, Nissan, PSA, Rolls-Royce, Jaguar Land Rover… Дел од производителите воопшто и не известија дека прекинуваат со работа, така што листата не може да биде комплетна. Друг дел тоа го сторија само со некои свои погони во земјите со повисок ризик, а трет пак упорно го одбиваат преземањето превентивни мерки. Меѓу нив е и Toyota која ги затвори своите европски но не и јапонски капацитети и покрај тоа што таму имаа регистрирано случаи на заболени работници. За тоа претседателот на компанијата Акио Тојода кој воедно е и претседател на јапонската асоцијација на автомобилски производители, повикувајќи ги нејзините членки да останат смирени, ќе каже дека производството не смее да застане. Според него прерано е да се прогнозира колку пандемијата на коронавирусот ќе влијае на автоиндустријата или колку евентуалните прекини на производството ќе траат. Тој сепак призна дека данокот што го зема вирусот е голем, но за да не биде уште поголем потребно е фабриките на автопроизводителите да сторат сé што можат и да продолжат да произведуваат автомобили и камиони. Тој обраќањето до своите колеги јапонски менаџери го заврши со зборовите: „Не грижете се премногу, но бидете искрени и помагајте си едни со други. Луѓето ќе станат негативни ако продолжат сериозно да размислуваат за работите што не можат да се контролираат. Најголемиот фактор кој е зад моменталната економска ситуација е немирот што тие го чувствуваат заради несигурноста.“

Мудро кажано мора да признаеме, но истите тие луѓе ги мачи и уште нешто – во сите соопштенија во кои се најавува затворање на фабриките било каде во светот не се споменува дали работниците ќе бидат платени за принудниот одмор. Единствен исклучок е американската филијала на Honda, која кажа дека и покрај сé ќе им ги исплати платите на своите вработени.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER