Зошто се бунтуваат продавачите на половни возила?
Објавено на 22 јануари 2020 година
Иако сите се согласуваме дека здравјето нема цена, организирани во сопствено здружение продавачите на половни возила во Македонија повторно ќе протестираат пред царинската управа заради новиот закон за даночење на моторните возила. Тие тврдат дека со измените во оданочувањето ќе им се намали работата бидејќи давачките ќе се зголемат, што е вистина, барем во нивниот делокруг. Имено, досегашните закони кај нас предвидуваа за автомобилите до 3.000 евра да не се плаќа акциза. За оние со набавна вредност меѓу 3 и 4 илјади евра таа изнесуваше 0,5 отсто, процент кој понатаму се зголемуваше како растеше вредноста на возилото. Така на пример за возилата кои чинеа меѓу 8 и 12 илјади евра се плаќање 3 отсто од нивната вредност. Сега за возилата до 10.000 евра нема да се плаќа делот од данокот според вредноста, туку само оној според количината на јагленород диоксид. Тоа им пречи на продавачите на половни возила, кои како што знаеме во своите хомологации имаат запишано дебели бројки. На пример, за бензинските возила кои емитуваат од 131 до 140 g/km CO₂ ќе се плаќа по 70 денари за секој грам, а за дизелите по 130 денари. За оние со емисии меѓу 141 и 150 g/km CO₂ по 100 односно 160 денари, над 151 до 170 g/km CO₂ по 130 и 190 и понатаму до 190 g/km CO₂ по 160 и 220 денари. Токму во оваа последната наведена класификација спаѓаат најголем дел од старите возила кои се увезуваат кај нас, кои според оваа математика би биле оданочени со суми поголеми од 450 за бензинците односно 600 евра за дизелите, се разбира ако не се поскапи од 10.000 евра. Ете тоа е причината зошто се протестира.
За да го видите целосниот преглед на новите давачки, кликнете тука.


