Модификуван изложбен концепт и пониски хотелски трошоци
После четири години, салонот на автомобилите во Женева повторно ќе ги собере производителите, новинарите и посетителите во халите на Palexpo
Женевскиот салон на автомобилите беше една од најзначајните светски манифестации и се одржуваше секоја година, вкупно 89 пати, сé до пандемиската 2020-та кога само неколку дена пред започнувањето беше откажана заради забраната на швајцарските власти за масовни собирања. Последиците беа катастрофални и оттогаш овој салон кој знаеше да собере и скоро 750 илјади љубители на автомобилите, не се одржува. Организаторите се обидоа да го одржат континуитетот со слична манифестација која годинава во октомври ќе се одржи во Доха, но не се откажаа од враќањето на традицијата. Сега конечно се чини дека нивните напори ќе вродат со плод бидејќи официјално известија дека следната 2024 година Женева повторно ќе биде домаќин на салонот на автомобилите.
Со малку пократко времетраење, терминот е закажан во вообичаениот период – од 26 февруари до 3 март, на истото место, конгресниот центар Palexpo веднаш до аеродромот во Женева. Халите веќе се изнајмени и платени, а за намалување на високите трошоци изложбениот концепт е модифициран. На изложувачите ќе им се нуди однапред конфигуриран простор и тие ќе треба да ја одберат само неговата боја и да го закачат своето лого. Секако, кој ќе сака ќе може и сам да го уреди и опреми својот штанд. Спонзор на салонот ќе биде владината агенција за туризам на Катар.
Организаторите на салонот очекуваат да соберат околу 10.000 новинари и 300.000 посетители, за што со 16 хотели од различни категории се имаат договорено да ги задржат на редовно ниво цените за сместување кои порано за времетраењето на салонот беа повисоки.