Со мали освежувања на каросеријата, опременоста и ефикасноста XCeed обезбеди доволни аргументи за опстанок на пазарот
Со претходната моделска изведба на KIA Xceed PHEV имавме можност да се запознам пред неколку години. Не требаше многу време за да се забележат промените што се направени со рестајлингот.
Овој пат, XCeed имаше мала пластична операција, добивајќи свежи фарови и браници, како и нова решетка. XCeed отсекогаш бил нешто необично, замаглувајќи ги линиите помеѓу кросоверите и хечбеците со форма на семеен автомобил, умерено зголеменото растојание од тлото и „теренската“ обвивка на каросеријата направена од пластики. Внатре, разликите остануваат релативно мали.
Основниот дизајн е повеќе или помалку непроменет. Повеќе модели на компанијата, особено електричните, се збогатуваат со раскошни дисплеи, додека XCeed остана по теркот на рационалното. Нема ништо лошо во кабината – таа е доволно ергономска и квалитетот на изработката е одличен со исклучок на неколку поевтини пластики употребени во региите скриени од погледот. Сепак, XCeed доаѓа со солидна технологија, вклучувајќи го и новиот инфозабавен систем со екран на допир од 10,25 инчи. Тој го користи најновиот софтвер на KIA за да ги обезбеди сите вообичаени функции, вклучувајќи навигација и пристап до медиумите, но доаѓа и со конективна технологија.
Како и досега, Android Auto и Apple CarPlay се вградени стандардно, но системот е доволно добар за да не треба да ги користите. Како и кај стариот XCeed PHEV, новиот има помалку багажен простор (291 литар) од изведбата со бензински мотор. Во апсолутни бројки тоа е намаливање од 104 литри, но тоа е данокот на сместувањето на батеријата. Линијата на покривот е прилично ниска што нема да им пречи на децата и возрасните со просечна големина.
Просторот за нозете е прифатлив. XCeed комбинира 1,6-литарски бензински мотор со шестстепен автоматски менувач и електричен мотор. Системот произведува 141 КС и сето тоа го испраќа на предните тркала. И покрај добрата основа, сè уште нема опција за погон на сите тркала. Системот може да обезбеди пристојна динамика. Ако толку значи забрзувањето од 0-100 км/ч е 10,6 секунди, што е мало подобрување во однос на претходникот.
Но, ефикасноста е името на играта, а XCeed PHEV го задржа својот пакет батерии од 8,9 kWh што официјално му дозволува на автомобилот да помине нешто помалку од 50 километри само со електрична енергија. Тоа е официјалната бројка извлечена според нормата WLTP. Сметам дека декларираното не е далеку од опсегот на реалната експлоатација. Можеби 43 км се пореални без да вложите премногу внимание на стилот на возење и користењето на климатизацијата дури се движите на струја.
Поради тоа се сложувам со тврдењето на KAI дека батеријата е доволна за завршување на повеќето дневни возења и кратки патувања исклучиво на електрична енергија. За наши услови редовно полнење на батериите е комплицирано. Доколку имате можност во домашни услови ќе ви бидат потребни нешто повеќе од два часа со полнач од 3,3 kW и можеби ќе можете да се приближите до официјалната потрошувачка од 1,4 литри на 100 км. Мене тоа не ми тргна од рака.
Во моето возење успеав да извлечам дури 46,2 км на струја и успеав, сосе гратско возење да стигнам до пола пат до Велес со нулта емисии. Останатите 350 км беа во хибриден модус на возење и забележав вкупен просек од 4,8 литри на изминати 100 км. Ова според моите сваќања е повеќе од многу добра економичност доколку се земе во предвид дека во рутата изобилуваа планински предели. Она што сакам да го истакнам е впечатокот дека XCeed е многу префинет.
Кабината е тивка кога системот работи на електрична енергија, но не прави многу галама кога е активен бензинскиот мотор. Дури и кога ќе ја нагазите педалата за забрзување, четирицилиндричниот мотор е значително попрефинет од повеќето хибридни системи. XCeed може да биде рафиниран во возењето. Дури кога сакате „да му ја вадите маста“ може да се компромитира потпирањето поради повисокото тежиште.
Воланот е лесен и вкочанет, и тоа е добро во урбана средина, но не инспирира при динамично возење. Чувството што го добива возачот е доволно, а одговорот од предните тркала е остар. Ова се забелешки кои повеќето купувачи на вакви возила нема ниту да ги забележат бидејќи XCeed едноставно си ја работи својата работа без преголема врева. Седиштата се одлични, го држат телото сигурно, доверливо и ефикасно, а се истакнуваат со удобност.
Горе наведеното е сè што треба да пружи еден модерен автомобил. Новиот XCeed постигна зрелост во секој поглед и токму затоа треба добро да се размисли за овој избор кога се размислува за кросовер од сегментот „Ц“ со приклучен хибрид. Иако не е на врвот во класата, XCeed пружа солидни резултати во секој поглед и се нуди со рафиниран, ефикасен plug-in хибриден погон. Единствената пречка за овој тип возила е цената која видно отскокнува од своите изданија со мотори со внатрешно согорување. Во случајот на XCeed PHEV чини 6.000 евра повеќе. Олеснителна околност е можноста за финансирање што Киа Моторс Македониа ја има во соработка со Шпаркасе Лизинг па сумата во рати симболично се разликува.
Цената од 39.500 евра со 20% учество (7.908 евра) на 60 рати изнесува 650 евра месечно. За истото возило со исто ниво на опременост без приклучен хибрид би плаќале месечна рата само 72 евра помалку. За оние што екологијата и економичноста им е императив, без да си го нарушуваат саканиот комодитет е занемарлива разлика.


