VW започнува со продажба на ID.3
Место јуни, септември – тогаш првите купувачи на електричниот ID.3 ќе ги добијат своите возила
Објавено на 12 јуни 2020 година
Дури ни проблемите со софтверот ни коронакризата не ги пореметија многу плановите на Volkswagen за ID.3 – компанијата од Волфсбург потврди дека официјалната продажба на електричниот хечбек ќе започне на 17 јуни. Први што ќе можат да се пофалат дека го купиле ќе бидат оние што веќе изразија интерес за иницијалната First Edition варијанта, на кои ќе им бидат понудени две опции – да ги добијат своите возила на почетокот на септември но без App Connect и функцијата за одржување растојание, со ветување дека софтверски ќе бидат надградени на почетокот на 2021-вата, или пак да почекаат до четвртиот квартал годинава. Но за што и да се одлучат, ќе добијат електромотор од 201 коњска сила и пакет батерии од 58 kWh кој ќе им овозможи автономија од 420 km, компатибилен со 100-киловатните полначи. Сите останати, кои ќе можат да ги нарачаат своите возила од средината на јули, ќе можат да бираат уште и батерии од 45 или 77 kWh, доволни за автономија од 330 или 550 km.
Производството на ID.3 е обновено на 23 април. Најевтината негова изведба во Германија чини 30 илјади евра, без вклучени државни субвенции.



