Ford се враќа, ги нема Toyota, Fiat, Peugeot…
Објавено на 10 јуни 2019 година
Повеќе години наназад сé поприсутен е трендот производителите да го откажуваат своето учество на големите салони на автомобили. Причините главно се организациски и финансиски, но свое влијание имаат и современите трендови на дигитализацијата на човештвото. Како алтернатива за премиерите на новите модели се наметнуваат некои други настани кои привлекуваат пошироко внимание. Така на пример Škoda на светското првенство во хокеј во Словачка неодамна ги претстави обновениот Superb и електричниот Citigo. Еден од производителите кои прескокнуваа по некој салон е и Ford, кој својата одлука ја правдаше со немањето вистински новитети во тој момент за публиката што ги посетува ваквите манифестации. А таа сепак се брои во стотици илјади дури и милиони, што е факт што не може да се игнорира. Затоа и Ford место алтернативни решенија, годинава нема да се откаже од франкфуртскиот салон. Иако ништо уште не е потврдено, појавувањето на новата гама кросовери меѓу кои и Puma не може да помине без нивно претставување на ваков настан.
Сепак оние што мислат дека традиционалните автосалони не се веќе интересни ги има многу. Неофицијално бројот на оние што ќе отсуствуваат од Франкфурт се искачи на дури 22 некогаш традиционални изложувачи. Меѓу нив се Renault, Fiat, Volvo, скоро сите јапонски компании и француските марки на PSA. Да не ги споменуваме луксузните производители како Rolls-Royce, Aston Martin или пак Cadillac. Јасно, угледот на манифестацијата до последен здив ќе го бранат домашните германски производители, меѓу кои сé уште се смета и Opel. Но и тие ќе се појават поскромно бидејќи за приказната да биде целосна треба да се спомене настапот на BMW од пред две години, кој чинеше дури 25 милиони евра.
Франкфуртскиот салон годинава ќе ги отвори своите врати за посетителите на 12 септември и ќе трае 10 дена. Влезницата ќе чини 15 евра во викендите и 13 евра во работните денови.