Тест – Mini Electric

Македонија насловна Тест

Локално ОК, за понатаму доста стрес

Колку и да сакаме, времето за електричните возила во Македонија е преурането

објавено 24 октомври 2020

Првиот дел од тестот го направивме во Скопје и блиската околина каде е прилично едноставно да се пристапи до некој од полначите и да се се дополни батеријата. Сепак Ѓаволот не ми даваше мира… Теоретски електричниот Mini има автономија од 180 километри а тоа мене ми изгледаше доволно да скокнам до Маврово и да се вратам. Затоа вечерта пред да тргнам го наполнив до даска и бев подготвен на авантурата која не ветуваше исход кого го очекував. Стратегијата беше многу едноставна. Нема да го форсирам возилото, ќе возам според пропишаните правила и би требало без потешкотии да се вратам во Скопје. И така полека и самоуверено тргнав. Денот беше прекрасен. Околните планини се бањаа во топлото есенско сонце, јас полека ги поминував километрите и тоа во најекономичниот модус на возење Green Plus. По 15 тина минути веќе бев на наплатната рампа кај Глумово. Кратко застанување за плаќање на патарината и правец за Тетово. Се придржував на првичниот план, а тоа е да ја оптимизирам брзината на движење помеѓу 100 и 110 км/ч. Тука во преден план дојде слабоста на сите електрични возила. Имено, во гратски услови на возење стилот и брзината на движење често осцилираат па можно е да се врши рекуперација, односно со одземањето на забрзувањето и користењето на сопирачките батеријата се полни. Ова на автопат не доаѓа ни под разно!

Токму поради тоа некаде пред Тетово компјутерот ми јавуваше дека батеријата има енергија да помине уште 100 километри. Едвај се воздржав да не опцујам. Скопје – Тетово се раздалечени 40 километри, тргнав со автономија од 180 километри а после само 40 километри умерено возење имав дострел од само 100 километри!? И веднаш низ главата почнав да правам калкулации. Ќе стигнам до Маврово, ќе го закачам на обичен полнач па ако треба ќе преспијам додека не се наполни батеријата бидејќи на стандарден полнач неопходни ќе бидат околу 12 часа… Сепак не се давав на црните мисли, го заминав Тетово и веќе возев накај Гостивар. Крстосувачката брзина од 80 км/ч не беше нешто ефективна а кога го одминував Гостивар имав автономија од 82 километри. Ќе повторам дека цело време возев во најекономичниот Green Plus модус. До Маврово ме двоеја околу 25 километри, но нагорнина која знае да извлече доста енергија за искачување. Да биде белјата поголема веднаш по двоењето на патот кон Маврово имаше долга колона на возила поради многубројните камиони на патот. Движењето беше споро и фрустрирачко, особено што дострелот рапидно паѓаше. Полека стигнав до мојата цел. Прилично растревожен бидејќи од декларираните 180 километри ми остана автономија од само 28 а поминав реални 100 километри. Што се случува со батериите, каде испари енергијата за уште 52 километри? Дали електричниот Mini е скроен да биде исклучиво гратски фраер на батерии или е способен за нешто повеќе? Рака на срце не бев расположен да ги осознувам овие дилеми туку само се обидував да размислувам прагматично.

А тоа укажуваше дека до Гостивар имам околу 25 километри удолница па имам добри шанси да ја дополнам батеријата со рекуперација. Потоа испланирав да ја дополнам батеријата на брз полнач во центарот на градот а неопходните 2-3 часа ќе ги искористам за прошетка. Така и би! По дваесеттина минути умерено спуштање дострелот се качи на 60 километри, токму колку е растојанието од Гостивар до Скопје… Ама подобро да не ја предизвикувам судбината, да си отидам на полнач.

И само што го пронајдов полначот  уште еден ладен туш. На местото предвидено за полнење на електрични возила, нормално, паркирано е турбо-дизел возило. Сепак, по малку растрчување по околните дуќани го најдов сопственикот на возилото кој без многу филозофии и негодувања го тргна своето возило од полначот, но со голема радозналост ја гледаше целата процедура. Ме информира дека летово еден негов роднина не успеал да го наполни плаг-ин хибридот на истиот полнач. Му ја објаснив процедурата и му ја покажав ЕВН кеартичката. Тој беше упорен, не обична, братучед ми имаше златна картичка и пак џабе. Џабе комши, џабе, требаше да има само ЕВН обична картичка и толку бидејќи полнењето е се уште бесплатно во Македонија. Го поврзав кабелот ја регистрирав картичката и полнењето започна. Дури и комшијата триумфално се насмеа и се врати во дуќанот.

Мене ми останаа два-три часа да го прошетам прилично либералниот по архитектура Гостивар и да го дочекам полнењето на батеријата. Времето го искористив и за ручек на место кое не е вредно ни за споменување а уште помалаку за препорака. Ете, на што се бев присилен само да го исполнам каприцот на едно современо електрично возило.

И Сега од оваа дистанца ако ме прашате дали вреди да се купи електрично возило во Македонија ќе кажам да, вреди, но ако имате ортоми наместо нерви, ако сте урбан лик и се моткате во атарот на градот, ако уживате во одличните возни својства и имате сигурно место каде ќе го полните. Во спротивно за 33.000 евра имате избор на возила со лопата да ги ринете.