Сите нови автомобили во Јапонија ќе имаат автоматски светла

Top News Занимливости

Сите нови автомобили во Јапонија ќе имаат автоматски светла

Објавено на 14 април 2020 година

Јапонија стана првата земја во светот во која автоматските светла се задолжителни за сите нови модели на автомобили. Одлуката е донесена заради чудната навика на жителите на оваа земја да ги гасат светлата ноќе додека чекаат на семафор, сметајќи дека тие им пречат на другите возачи што е проблем бидејќи понекогаш забораваат да ги вклучат. Но отсега тоа нема да биде можно, барем кај новите возила кои допрва ќе се појават на пазарот, додека оние кои веќе се продаваат ќе мора да ги имаат од октомври идната година. Според прописите, светлата мора автоматски да се вклучат во рок од две секунди кога природната дневна светлина ќе се намали под 1.000 лукса, што во пракса значи околу 15 минути пред заоѓањето на сонцето по ведро време. Тие исто така автоматски ќе се исклучат кога амбиенталното светло ќе надмине 7.000 лукса, што според правилниците за безбедност во сообраќајот донесени од страна на Обединетите Нации се смета за доволно безбедно за возење без светла. Според истражувањата на јапонската автомобилска федерација, сега таму околу 30 проценти од автомобилите се опремени со ваква технологија. Но разликата е во тоа што сегашните автоматски светла возачот може кога сака да ги исклучи, а во иднина тоа ќе може да го стори само дење.