Opel Corsa e-Rally
Opel е првиот производител на автомобили што ќе претстави електричен рели автомобил
Објавено на 28 август 2019 година
Добрата соработка на Opel и ADAC продолжува со успешното партнерство во првиот светски рели-куп за електрични возила, чиј главен протагонист ќе биде Corsa-e. Задвижуван исклучиво на струја, овој електричен спортист кој веќе е достапен за нарачки ќе ја има својата светска премиера на меѓународниот автомобилски салон IAA во Франкфурт, кој започнува на 12 септември. Своите потенцијали ќе ги покаже идната година во ADAC Opel e-Rally купот, првиот ваков во светот. Ќе располага со 136 електрични коњски сили 260 Nm вртежен момент, што се атрибути на серискиот модел целосно прилагодени за секојдневна употреба и апсолутно прифатливи за моторспортот.
Првично, ADAC Opel e-Rally купот ќе се одржува за време на трките на германскиот шампионат во рели и на други избрани настани. Серијата треба да почне во летото 2020 година, а најмалку десет квалификациски рунди до 2021 година ќе формираат таканаречена супер-сезона. Пирамидата на поддршка за младите возачи е дел од концептот, кој предвидува и ново издание на успешната академија ADAC Opel Rallye основана во 2016 година. Овој успешен концепт ќе биде продолжен и проширен во врвниот меѓународен ешалон на овој спорт. Во следниот чекор најдобрите млади возачи ќе напредуваат на европското јуниорско рели првенство, а интеграцијата на Opel во групата PSA нуди и дополнителни можности за врвните таленти бидејќи сестринската марка Peugeot се натпреварува со моќни FIA R5 машини, а Citroеn и во светскиот рели шампионат.