Претставен првиот електричен Volvo
Електричниот XC40 Recharge има автономија од 400 km
Објавено на 17 октомври 2019 година
Како што најави, Volvo го претстави електричниот XC40 а со него и ознаката Recharge која во иднина ќе ја носат сите такви модели на марката. Ќе ги има многу, бидејќи Швеѓаните очекуваат до 2025 година да сочинуваат половина од продажбата. И навистина ќе биде така ако судиме според XC40 Recharge кој доаѓа со два електромотора, по еден на секоја оска. Тие заедно на сите четири тркала испорачуваат вкупно 408 коњски сили, кои ќе го забрзаат до 100 километри на час за 4,9 секунди. Како и сите идни модели без разлика дали се бензин, дизел, хибридни или електрични, Volvo ја има ограничено максималната брзината на 180 километри на час. Батериите со капацитет од 78 киловат-часа сместени во подот на возилото му овозможуваат автономија од солидни 400 километри. За полнење на 80 отсто од нивниот капацитет на брз полнач се потребни 40 минути, а на обичен 7,5 часа.
Внатрешноста е позната од другите XC40 модели, со таа разлика што доаѓа со нов Google Android инфо-забавен систем. Просторот за патниците изгледа нечепнат, а треба да се спомене и дека под предната хауба се на располагање уште 31 литар за багаж. Почетокот на продажбата е најавен за идната година, а за цените се шпекулира дека би стартувале од 40.000 евра.