Премиера – VW ID.7 во Македонија

Порше Македонија ја комплетира понудата на семејството електрични возила на VW со ID. 7

Само неколку месеци по почетокот на продажбата во Европа модерниот електричен седан VW ID.7 е претставен на македонската јавност. Со тоа Порше Македонија ја потврдува лидерската улога во промовирањето на електричните возила во нашата држава.

Осем увозот на електрични возила, оваа компанија има инсталирани три брзи полначи за своите клиенти во кругот на импортерскиот центар и располага со респектабилна мрежа на точки за полнење низ Македонија. Тоа е добра основа за градењето на одржлива електро иднина. Сега на веќе одомаќените ID.3, ID.4 и ID.5 им се придружува знаменосецот ID.7.

Уште пред неговото официјално претставување многумина веќе му го дадоа прекарот „електричен Passat“, но оваа лимузина е повеќе од тоа. Скроена е да биде просторна, комотна и да има голем дострел. Атрактивниот дизајн укажува дека ерата на експериментирање во формите на каросериите на електричните автомобили заврши, барем за моделите на VW. Неполни пет метри долгата лимузина не се разликува во филозофијата на класичниот дизајн и од него отскокнува само со светлосните детали и искористеноста на просторот.

Воедно, аеродинамиката е донесена на повисоко ниво што овозможува на батеријата од 77 киловат часови да обезбеди автономија до 620 километри според WLTP циклусот на возење. Премиерно изложените примероци се со погон на задните тркала и мотор од 286 КС што е доволно спринтот од мирување до 100 км/ч да се совлада за солидни 8,5 секунди. Максималната брзина е ограничена на 160 км/ч. Посилната изведба со два електромотори и погон на сите тркала е најавена кон средината на годинава.

Силна страна на ID.7 е чувството што го пружа на возачот и патниците. Меѓуоскиното растојание од 2.969 мм е гаранција за раскошен внатрешен простор и багажник од 532 литри. VW ID.7 е вистинска ризница на електроника и асистенти на возачот со цел да обезбеди безгрижно користење во градски услови на возење и на маратонски делници.

За тоа од посебна корист е можноста на брз полнач од 125 киловати за 38 минути да ја наполни батеријата од 5 до 80%. VW ID.7 доаѓа во две нивоа на опременост и можност за дополнително опремување. Неговата цена се движи од 70 до 74.000 евра. Порше Македонија ги поканува сите љубители на електричните возила подобро да го запознаат знаменосецот на електричните модели на најголемиот европски производител на БЕВ.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER