Зимската опрема од утре задолжителна
Објавено на 14 ноември 2019 година
Од утре, 15 ноември, секое возило во Македонија без разлика на временските прилики мора да има зимска опрема. Според законските прописи тоа подразбира автомобилите да бидат опремени со зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочината на шарата од 4 милиметри, а за возилата со погон на сите тркала 6 милиметри. Алтернативно можат да бидат монтирани и летни пневматици со длабочина на шарата од 4 милиметри ако во возилото се носат синџири за снег за погонските тркала или други слични помагала. Како зимски пневматици се сметаат оние кои на својата бочна страна имаат ознака M+S и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Пневматици со клинци се забранети. Автомобилската зима во Македонија трае четири месеци и оваа опрема е задолжителна до 15 март идната година. Казната за немање зимска опрема изнесува 45 евра или 25 негативни бода, а ако условите на патот не овозможуваат безбедно возење полицијата може да го исклучи возилото од сообраќај.