Новиот Seat Leon ги зачини нештата во VW групата

Top News Новитети

Новиот Seat Leon ги зачини нештата во VW групата

Volkswagen оди на сигурно со Golf VIII, но новиот Seat Leon е повеќе од негова алтернатива

Објавено на 29 јануари 2020 година

Со моќен изглед и полн технологии, новиот Seat Leon со својот персоналитет навистина ги зачини нештата. Предниот дел со вертикалната маска со нов дизајн кој кон крилата визуелно е растегнат со тенките светла е уникатен не само во класата туку и во гамата на Seat. Спортските отвори за воздух во браникот со издолжените светла за магла го дополнуваат впечатокот дека Leon е направен да се додвори и на постојните и на новите купувачи. Динамичниот стајлинг продолжува низ мускулестата силуета кон задниот дел на кој погледот го приковуваат светлата со ЛЕД лента развлечена по целата широчина. Приказната во внатрешноста повеќе или помалку е очекувана, со мала забелешка дека дигиталната инструмент табла би можела да биде поголема. Управувачот е спортски засечен одоздола, а трендот на исфрлање на копчињата поддржан со мултифункционалниот централен дисплеј со кој се контролира скоро сé во возилото.

А тоа според димензиите порасна во однос на претходникот со должина зголемена за 86 милиметри. Меѓуоскиното растојание е растегнато за 50 милиметри, на задоволство на патниците на задните седишта. Поголем е и багажникот но само кај караванската Sportstourer верзија. Моторната понуда скоро целосна е преземена од Golf, што значи дека започнува со еднолитарскиот TSi со 90 коњски сили. Над него бензинците стратешки се распределени сé до максималните 190 коњи а дизели има само два – со 115 и 150 коњски сили. Место нив понудата е дополнета со две мајлд-хибрид варијанти со 110 и 150 коњи, спарени исклучиво со DSG трансмисија. Голема новост е плаг-ин хибридот со 204 коњи и електрична автономија од 60 километри, а понудата ја заокружува верзијата со погон на природен гас со 130 коњски сили и три резервоари кои обезбедуваат автономија од 440 километри.

Продажбата на новиот Leon ќе започне во втората половина од годинава.

клучни зборови: ,