Новиот Range Rover Evoque претставен на експлозивен начин
Не илустративно туку буквално – пристигнувањето на новиот британски SUV во Скопје беше проследено со експлозивна презентација
Објавено на 12 април 2019 година
Со современ динамички перформанс, во срцето на Скопје премиерно беше претставен новиот Range Rover Evoque. Поставувајќи го на овој начин Скопје рамо до рамо со светските метрополи, Аутомобили Груп покажа дека навистина се грижи за поклониците на вечните модели на Land Rover. Овој луксузен модел завладеа со кросовер-пространствата уште со првата генерација, која беше лансирана во типично британски воздржан и надмен стил. Со текот на времето тој докажа дека е обмислен да ги надживеа стереотипите и во оваа своја втора генерација пристигна експлозивно – во буквална смисла. Во урбаната и модерна атмосфера што владееше на презентацијата, вниманието на широкиот аудиториум единствено го наруши излегувањето на возилата на сцената проследено со пиротехника.
Но емоциите и вниманието на вљубениците во британската премиум марка не можеше да ги наруши ништо. Нив Range Rover Evoque комплетно ги окупираше со самото свое присуство. Компактните димензии прават да биде создаден за градот, а наследството на марката и надвор од него. Во чекор со новото време направен е да ја задржи својата доминација со нови технологии и иновации кои првпат се вградуваат во модел од овој сегмент. Добар дел од нив се преземени од поголемите модели од гамата, што докажува дека и Evoque е создаден да одговори на мотото да се биде над сè. Дизајнот што ја следи првата генерација предизвикува сите да се вртат по него. Префинетоста и софистицираноста на ентериерот сé уште важат за невидени во компактниот сегмент на луксузни спортско-корисни возила. Преовладува раскошот на пространоста, исполнет со природни материјали кои креираат амбиент за релаксиран престој во возилото. Таква ќе биде и механиката со која овој урбан кросовер повторно ќе тргне во освојување на светските меридијани. Моторите се познатите дволитарски бензински и дизел, со моќност меѓу 150 и 300 коњски сили. Освен основниот модел, другите имаат погон на сите тркала и 9-степен автоматски менувач. Цените стартуваат од 46.500 евра.