Храбар изглед и нова платформа
Прескокнувајќи го редот на нештата, Hyundai го обнови Santa Fe
Објавено на 4 јуни 2020 година
Кросоверскиот Santa Fe сега повеќе не е нагрден со предимензионираната маска, која иако уште сé уште визуелно голема со интегрираните во неа светла сега изгледа растегната до самите рабови на предниот дел. Најзаслужни за поелегантниот изглед се помошните светла поставени над неа, кои тенки како веѓи го обрабуваат освежениот преден на овој популарен модел. Поинаку изведениот браник и понатаму придонесува за масивниот изглед на Santa Fe, што е наметнато како компромис заради глобалното позиционирање на овој модел. Нам во Европа сепак ќе ни биде битно што остатокот од каросеријата е ненаметливо мускулесто обликуван, посебно назад каде пристојноста владее.
Дополнително овој официјално само обновен Santa Fe ќе добие многу на значење кога ќе се дознае дека е поставен на нова платформа. Самиот изглед кој е малку поинаков не го открива тоа, ниту пак како што треба официјалното соопштение на Корејците. Но како и да е, таа е од третата генерација вакви возила на Hyundai, со што се нагласени бројните подобрувања во поглед на перформансите, однесувањето на возилото при возење и практичноста при неговата употреба. Патем се споменуваат и новата звучна изолација, како и безбедносната заштита во случај на судар која е подобрена со конструкцијата на каросеријата со поиздржлив челик.
Се разбира, новости има и во кабината на корејскиот кросовер. Тие главно се вртат околу поголемиот централен дисплеј и целосно дигиталните инструменти, но не застануваат тука. Бројот на прекинувачи е намален, но не претерано и не на сметка на практичноста со ракувањето со системите. Место рачка на менувачот сега се среќава големо вртливо копче, а сите верзии на Santa Fe отсега ќе доаѓаат со електронска селекција на изборот на режимот на возење со цел возачите максимално да го искористат погонот на сите тркала. За жал Корејците докрај не ги открија неговите погонски групи, иако од јасно е видливо дека новиот Santa Fe ќе биде на располагање и со хибриден мотор. Финалните спецификации за него ќе ги дознаеме многу бргу, бидејќи е предвидено тој од септември да започне да се продава.