На Jaguar Land Rover му треба партнер, а не купувач
Објавено на 25 октомври 2019 година
Неизвесноста околу Брегзит го убива Jaguar Land Rover, до толку што се огласија и неговите сопственици кои порачаа дека на компанијата и треба партнер, а не купувач. Во оваа порака е вплотено малку и од пркосот и инаетот на Индијците кои и покрај големите бројки за продажбата на JLR не успеаја вистински да ја капитализираат својата инвестиција. Но без разлика на тоа, јасно е дека на Jaguar Land Rover и покрај сите напори му оди тешко со справувањето со новите предизвици. Компанијата доцнеше со релокацијата на производството во други земји заради што остана ризикот да се дели судбината на со политиката оптоварената британска економија. Во меѓувреме продажбата растеше, што пак е причина сега потешко да се делува. Во претходниот период постоеја гласини дека Jaguar Land Rover би можел да се придружи на PSA групата. Тие во меѓувреме се демантирани, но не и целосно исклучени иако се малку веројатни. Сепак во моментов иднината на компанијата не е јасно насочена, што остава простор за секакви толкувања.
Tata Motors го купи Jaguar Land Rover од Ford во 2008 година и успеаја да го врати на светската мапа на почитувани автомобилски производители. Но за понатаму како да немаше сили – најновите планирани инвестиции во британскиот производител во висина од 3 милијарди фунти се откажани. Тоа доведе до спорадични резултати на претходниот план за штедење и кратење на работните места, кој не можеше да се комплетира без свеж капитал. Покрај PSA често се споменува и BMW како можен купувач – пардон, партнер на JLR во пробивањето на патот кон иднината. Индијците сепак се оптимисти и најавуваат дека до 2021 година ќе ги сопрат загубите на Jaguar Land Rover. Како, не кажуваат.