Конкурент за почит
Ќе биде ли наредната генерација на BMW i8 целосно електрична?
објавено на 22 мај 2019 година
Иако со одлични перформанси, кога се појави BMW i8 остави мала нелагодност оти не беше чисто електричен. Малку подеталниот поглед под провокативната каросерија ќе открие инженерски перфектно вклопен плаг-ин хибриден погон со 374 коњски сили, чија основа е 1,5 литарски трицилиндричен турбо мотор. Малите батериите му обезбедуваат електрична автономија од фабрички 55 километри. Мала му е и продажбата, но затоа цената му е голема – 140.000 евра во Германија. Нормално, за тие пари купувачите очекуваа малку повеќе техника од наброеното. Можеби и ќе ја добијат ама со наредната генерација, за која се размислува да биде целосно електрична. Сé уште е рано за било какви официјални потврди или спецификации, но од BMW се слушна дека многу што од iNext концептот може да се искористи за овој модел. Атрактивноста и футуристичкиот изглед ќе бидат задржани, а Tesla Roadster ќе добие конкурент за почит. За жал, не пред 2023 година.
Одлуката за наредната генерација на i8 ќе биде донесена подоцна годинава.