Карлос Гон и неговиот„спор“ со Nissan » Приказна како за филмско платно

Top News Занимливости

Приказна како за филмско платно

Карлос Гон има француски, либански и бразилски пасош кои му овозможија да ја здувне од Јапонија пред разврската за обвиненијата за милионски проневери и сега да живее во Либан во вилата која за 15 милиони долари му ја купи никој друг туку Nissan!

Објавено на 8 јануари 2020 година

Без оглед на тоа што поранешниот шеф на Renault, Nissan и сите можни комбинации на нивното меѓусебно поврзување избега од Јапонија на мистериозен начин под притисок на обвиненијата дека проневерил милиони, тој сега живее во својата вила во Либан која му ја купи никој друг туку Nissan, за што јапонскиот производител искешира скоро 15 милиони долари. Приказната како за филмско платно започна да се расплетува откако Гон кој има француски, либански и бразилски пасош со приватен авион на не докрај разјаснет начин ја напушти Јапонија каде обвиненијата за милионски проневери му висеа над глава и пристигна во Либан, од каде му се корените. Тој минута откако му беше укинат куќниот притвор во Јапонија буквално исчезна под будното кон на неговите чувари, за да во моментов низ Бејрут се шета како слободен човек бидејќи либанските власти не го делат истото мислење за него како и нивните јапонски колеги. Се споменува дека е прошверцуван од Јапонија во кутија за музички инструменти, но сепак главниот збор во приказнава го имаат неговите три пасоши – француски, либански и бразилски, како и фактот дека во текот на децениите напорна работа има заработено многу милиони долари, од кои некои и на сомнителен начин заради и што Јапонците го гонат.

Како и да е, тој со помош на филмско сценарио и приватен авион преку Истанбул пристигна во Бејрут каде се смести во вилата која му ја купи и реновираше фирмата која сега го тужи за проневера. Во тоа нема ништо случајно, бидејќи како прво Гон во Либан со помош на своите три пасоши има допатувано на легален начин, а како второ Либан со Јапонија нема никаков договор за екстрадиција. Како трето може да послужи и фактот дека јавноста (а со тоа и властите) во Либан воопшто не се согласуваат со Јапонците дека светски познатиот автомобилски бизнисмен е криминалец. Nissan се обиде да стави брз крај на приказната со оглед дека тој е сопственик на вилата во која Гон престојува праќајќи приватно обезбедување кое требаше да ги одземе клучевите од објектот и да го пријави „натрапникот“ на властите, но безуспешно.

Како и да е, следи продолжение.

клучни зборови: , ,