И понатаму ќе дишеме загаден воздух
Една студија од Кина предупредува – возилата на струја ќе го зголемат загадувањето на воздухот
Објавено на 6 декември 2019 година
Иако учествува со помал процент од другото, сообраќајот се посочува како еден од влијателните фактори за загадувањето на воздухот што го дишеме. Посебно во урбаните средини како што е Скопје, или пак големите кинески градови. А оттаму ни доаѓа една предупредувачка студија – и покрај тоа што сите мислиме дека помасовната употреба на електрични автомобили ќе го намали нивото на загадување на воздухот, всушност може да доведе до спротивен ефект. Причината е изворот од каде доаѓа струјата што ќе ја трошат електричните автомобили, која во Кина во најголем процент (72%) е од термоцентрали на јаглен. Податоците употребени во студијата се базираат на една анализа од 2017 година спроведена од сообраќајниот институт на универзитетот во Мичиген која покажува дека во Кина автомобил со мотор со внатрешно согорување кој просечно троши под 7 l/100 km всушност помалку ја загадува животната средина отколку електричен автомобил.
За жал, слично е и кај нас. Не до толку како таму, ама ситуацијата е далеку од поволна – нема потреба да споменуваме дека РЕК Битола е нашиот најголем снабдувач со струја. Остатокот што доаѓа од хидроцентралите и од увоз (кој иако звучи себично не нé интересира како се произведува) не е доволен за да кажеме дека електричните возила вистински ќе го намалат загадувањето. Тоа всушност само ќе се пресели од една локација на друга – во нашиот случај од Скопје во Битола. Лекот за ова се гледа единствено во обновливите извори на електрична енергија, пред сé ветер и сонце, кои треба да го следат зголемувањето на потрошувачката на струја за полнење на електричните возила. Поинаку не може.