Интервју – Винсент Кобе, Citroën СЕО

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Подготвени сме за сите предизвици!

Во овие трусни две години светот не е веќе како што го помниме. На неодамнешната светска премиера на Citroën С4 Х која бевме поканети во Истанбул имавме прилика да направавиме групно интервју со челникот на Citroën, човек со кого имам чест да се сретнам по втор пат. Првиот беше на неговата инаугурација како челник на „двојниот шеврон“ и презентацијата на Ami во март 2020 година во Париз. Од тогаш се случи пандемијата, недостатокот на полупроводници, чипови, недостаток на репроматеријали, прекин во ланецот на снабдување, кратење на производството, се формира групацијата Stellantis, накратко, сéшто ги прави нормалните услови за работа невозможни… Многу предизвици  за краток временски период! Ова беше идеална прилика да дознаеме што се случува во светот на производството на автомобили и од прва рака да дознаеме кои се вистинските предизвици со кои се соочуваат производителите.

Господине Кобе, поминаа повеќе од две години како сте на кормилото на Citroën. Имавте јасна визија на вашето претставување, но по се изгледа дека таа е нарушена поради добро познатите предизвици со кои се соочува целата индустрија. Колку успешно ги исполнивте вашите планови?

Најпрво, работата во автомобилскиот свет е исполнета со надеж за најдобро планирање и справување со она што го имате на располагање. Мислам дека генерално се работи за тоа. Тоа особено важи откако ја презедов работата! Се надевам дека нема корелација помеѓу моето преземање на работата и хаосот, нели? Но, фер е да се каже дека последните 28-29 месеци владееше недостиг главно заради пандемијата, сега немаме суровини, имаме инфлација, ограничена логистика, а и потенцијална економска криза пред нас. Сега пак ги имаме така да ги наречеме геополитичките тензии. Мислам дека тоа е природата на ситуацијата што ни претстои. Уште една работа – откако дојдов на чело на Citroën, се формира Stellantis. Она што сакавме да го направиме прво и најважно е да го подигнеме брендот Citroën во повеќе од една димензија, да го подигнеме просекот на продадениот производ, да ги зголемиме цените, но и содржината и атрактивноста. Сакавме да се преселиме во првите редови на енергетската транзиција, сакавме да се прошириме географски. Општо земено, сакавме постојано да го динамизираме имиџот на брендот кој е создаден од страст и неочекувани иновации. Значи, ако гледам на ова јасно, пазарот се намали, обемот се намали, но, како што рековме, го одржавме секое лансирање на нов модел што сакавме да го имаме во тоа време во однос на конкурентноста и квалитетот. Го лансиравме Ami кој го направивме како нешто на кое сите гледаат како на чудна работа, нешто за што сите зборуваат како вистински одговор на проблемот за кој не знаевме дека го имаме, а тоа беше прифатливата „чиста“ мобилност. Го лансиравме C4 и како што знаете електричната верзија на C4 е број еден во Европа во сегментот. Тоа е одлична успешна работа! Сега сакаме да го редефинираме Д-сегментот кој стана здодевен во последните 10 години. C5 X е поинаков. Можеби ќе ви се допадне, можеби не, но сигурно нема да ве остави рамнодушни. Лансиран е на време, со вистинско ниво на квалитет. Го воведовме новиот и надграден C5 Aircross, кој верувам дека е од она што сите ваши колеги го напишаа – вистинскиот одговор на семеен автомобил, веројатно најдоброто спортско-корисно возило од Ц-сегментот што може да се купи во Европа. Значи, планираме во однос на поместувањето на брендот, производите, зајакнување на персоналитетот на Citroen. Го видовте филмот што го направивме за C4 X. Значи, брендот има текстура, страст, амбиција. Правиме и ребаланс на географската покриеност. Последен пат кога разговаравме во 2020 година тоа беше 87% Европа, 13% надвор од Европа. Минатата година беше 78-22, а за две години ќе биде 73-27 или, што е малку потешко но можно, 70-30. Значи работите се движат. Електричната транзиција се движи. Кога го лансиравме C4 искрено се надевавме на 15% од целосно електричната верзија. Мислам дека првата година имавме 25%, а сега стигнавме до 40% во Европската унија, така што се движиме, чекор по чекор.

Можете ли да ни ја опишете целната група на С4 Х, да споменете кои се главните конкуренти и да ни кажете нешто за цената, затоа што овој автомобил треба да го сместиме некаде?

Како прв пример ќе бидам слободен да кажам дека типичен клиент ќе биде успешен бизнисмен од 35 до 40 години кој бара статус, но и функционалност и модерни технологија по прифатлива цена. Го предвидуваме следниот чекор што спортско-корисните возила ќе ги направи исклучително разновидни. С4 Х е целосно електричен, на вистинското технолошко ниво е и е исклучително удобен. Втор пример би бил Европеец на кој му е потребна просторна мобилност по прифатлива цена и со голема удобност. Можеби од Шпанија, Италија, местата каде што имаме голем удел на пазарот и луѓето остануваат верни на брендот. Трет пример професионален возач од Северна Европа кој бара простор, бара 100% електричен автомобил со соодветна автономија, издржлив и по вистинска цена.

А што е со цената?

Ќе биде конкурентна.

Колку беше тешко да се донесе одлука да се оди само со електрична верзија? Мислам дека споменавте 14 европски земји.

Не ги избројав прецизно – тоа се земјите што не го допираат Медитеранот.

Португалија не го допира Средоземното Море, таа е од другата страна и оди на електрификација. Па како беше да се донесе ваква одлука?

Погледнете што всушност се случува. Во нордиските земји за автомобили како C4 има смисла да се смета повеќе од 80% да бидат целосно електрични, па зошто да се мачите? Бидете децидни, влезете директно во тие чевли. Предизвикот беа Германија и Велика Британија затоа што таму, во зависност од стимулациите, ситуацијата од месец во месец се менува, се случува пазарно осцилирање помеѓу 40 и 70% кај електричните верзии. Но на тие пазари денес имаме 2 до 3% пазарен удел, но и поголеми амбиции и затоа решивме дека повеќе би сакале да бидеме јасни. Претпочитаме да бидеме чекор понапред место чекор назад. Па, затоа ајде да одиме на електричен погон и пазарот ќе тргне по нас. Ако во Германија и Велика Британија сакате мотор со внатрешно согорување го имате C4, го имате C5 X. Значи, кој е ризикот што го преземаме? Не толку голем. Сакаме да одиме и на други пазари, Италија, Шпанија, Франција, каде имаме значителен удел, но огромен дел сопственици на возила таму сé уште не се подготвени да одат на електрификација. Затоа сакаме да го почитуваме тоа и да им кажеме дека може да набават електрично возило ако сакаат. Во земји како Франција нарачките за C4 се 30% електрични, а 70% не. Затоа и сме многу прагматични. Да одговорам на вашето прашање, беше малку тешко на почетокот но дојдовме до јасен заклучок. Арбитражата на крајот беше за еден или два, би рекол, помали пазари каде што ни требаше малку „притисок“ за да отидеме на вистинската страна на одговорот.

Дали има идни планови за пренос на овој дизајнерски концепт во пониските или повисоките сегменти?

Во Д-сегментот веќе го направивме тоа со C5 X. Тој очигледно е различен тип на дизајн, но во основа е во истиот дух, комбинирајќи хечбек или фастбек со елеганцијата и флуидноста на традиционалниот седан и малку подигната позиција. Се претставува на поинаков начин бидејќи, знаете, сакаме од време на време работите да бидат малку поинакви. Затоа и додадовме X во ознаката. Тешко е да се смести во постоечките класификации, тоа е хибридна понуда, но гледајќи нанапред направивме нешто што е веродостојна алтернатива на SUV.

Што планирате во пониските класи?

Тоа е интересно прашање. Традиционалните Б-седани се сегмент кој во последните години многу се намалува. Исчезна во Европа, а се намалува и во другите региони во светот, Блискиот Исток, Африка, Турција. Имаме некои идеи за годините што доаѓаат, но тоа сé уште е во подготовки, па кога ќе биде готово ќе ви кажеме.

Какво е релативното ценовно позиционирање на C4 X во однос на стандардниот C4?

Знаете, ние во оваа индустрија сме многу аналитични, сакаме да правиме споредбени табели со цени, анализи на клиентите, многу пресметки за сè… Но на крајот прашањето е како да се лансира производот? Така, насоката е дека цената ќе биде еднаква или малку над C4 во зависност од пазарот. Постои врска помеѓу C4 и C4 X во однос на атрактивноста на различни пазари. Југ наспроти север, исток наспроти запад, но насоката е малку над C4. Минимално колку што се може.

Колку за ориентација?

Уште еднаш, многу сме среќни со успехот на C4. Мислиме дека постигнавме вистински баланс на дизајнот, функционалноста, просторноста, технологиите и цената.

Што е со професионалните корисници, такси, службени возила, на меѓународно ниво?

Има голем број елементи во ова. Прво, како што реков C4 X ќе ни даде можност за покривање на три типа на потреби на клиентите и тоа ќе биде јасно засилено со нашата политика за настап на пазарот. Очигледно тука се таргетираат идните клиенти, млади семејства во северниот дел на Европа или фундаментално во секој дел од Европа кој ќе има нула зони за емисија на штетни гасови. Ќе го нудиме возилото да биде достапно и за професионални корисници, Ќе доаѓа со шеми за закуп, полнење на батериите и слично. Да се вратам на прашањето што го поставивте, како ќе се справиме со достапноста на меѓународните пазари, како што знаете, стартувавме со новиот C3 што го претставивме за Индија и Јужна Америка. Неговото производство штотуку започнува, ќе биде комерцијално лансиран во следните недели во Индија и за еден или два месеца во Јужна Америка. Овој автомобил е првиот од тричленото семејство, ќе ја искористиме секоја можна предност да направиме хечбек со кросоверски став. Ако гледате два различни типа на каросерија лесно можете да замислите каде одиме, така што ќе понудиме широка покриеност на потребите за брзорастечките пазари како Индија и Јужна Америка, но и на Блискиот Исток, а и Африка ќе ја користи оваа техничка база. C3 е европски автомобил кој има голема привлечност во земјите на периферијата на Медитеранот и претставува доста прифатлива понуда на сличните пазари. Ќе се вратиме таму, засега само во Б-сегментот.

Какви се вашите предвидувања за крајот на кризата со полупроводниците?

Моето прво предвидување е дека ќе има уште една криза со логистиката, материјалите и економска криза. Во кризата со полупроводниците ќе дојде до разумно намалување до крајот на годинава или во 2023-тата заради повеќе причини. Прво, се инвестира во одредени капацитети. Второ, почнуваме многу подобро да го разбираме сложениот синџир на снабдување. Имаше огромен притисок врз секого да се поправи тоа. Покажавме приспособливост за типот на чиповите што ги користиме. Направивме компромиси во нивото на опремата на автомобилите. Мислам, има различни работи што се прават за да се соочиме со ова, така што може да очекувате дека оваа криза постепено ќе се намалува. Но едно нешто сакам да кажам е дека тоа не значи дека сé ќе се врати во нормала каква што претходно ја знаевме, бидејќи цените на некои суровини се зголемија за три, четири, пет пати во последните две години. Логистичките трошоци од Азија се помножија со коефициент 2 или 3, а ни претстои и инфлација, каматните стапки растат. Тоа ќе има влијание врз потрошувачката низ многу земји во светот… Мислам дека треба да се подготвуваме за уште една потреба за агилност и реакција.

Дали тоа значи дека кризата ќе биде продлабочена и дека познатите предизвици ќе бидат зголемени со тек на времето?

Ние сме подготвени за сите сценарија. Групацијата Stellantis  е нешто посебно во светот на автомобилите и ние имаме голем капацитет да одговориме на предизвиците. Ќе ги има полно, во времето што доаѓе нема да биде лесно за никого. Но, големината се гледа во решавањето на тековните проблеми и адаптирањето на условите. Ние тоа го правиме најдобро што знаеме и сигурни сме дека нашиот пат е вистинскиот!

Ви благодариме за одвоеното време. Ви посакуваме успех во вашите намери и се надеваме дека нема да чекаме следни две години да се сретнеме…

Секако дека не! Citroën  во наредниот период ќе има што да понуди на сите пазари и со сите технологии што има да ги понуди нашата групација. Ние остануваме на нашиот курс ког го зацртавме и го остваруваме.

Сподели

Последни новости

Најнова епизода

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.00 ден
  • еуросупер 98 - 82.50 ден
  • еуродизел Д5 - 81.50 ден
  • течен нафтен гас - 50.00 ден
  • метан - 123.50 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER