Изедначени акцизите на црвената нафта и дизелот

Top News Македонија

Изедначени акцизите на црвената нафта и дизелот

Објавено на 23 јуни 2020 година

После извесен период анализи и согледувања, на својата вчерашна седница владата донесе одлука да се изедначат акцизите на маслото за греење (црвената нафта) и дизел горивото што се користи како погонско гориво. Тоа значи дека со стапувањето на сила на оваа одлука екстра лесното масло ќе поскапи за 10,50 денари, односно место сегашните 41 ќе чини 51,50 денари – скоро исто колку дизелот кој се продава за 52 денари за литар. Дури е и можно цената на црвената нафта да биде поголема отколку онаа на дизелот бидејќи според правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за неа надоместок за премија со вклучени транспортни трошоци до склад во Македонија што им следува на трговците, е малку поголем. Со овој потег се оневозможува злоупотребата на користењето на нафтата за за греење како погонско гориво, што носеше големи загуби во буџетот. Истовремено ќе се овозможи и сузбивање на сивата економија, ќе се подобрат заштитата на животната средина и на потрошувачите, како и на пазарот од нелојална конкуренција.

Во Македонија лани се продадени 642.742 тони дизел и 44.431 тон нафта за греење, односно околу 54 милиони литри.