Елон Маск бара камионите во Европа да возат и во викендите
Објавено на 2 март 2020 година
А има и аргумент за тоа – електричниот влекач на Tesla. Тој веќе скоро да е подготвен за пазарно лансирање, но на почетокот нема да пристигне на Стариот Континент. Додека се случи тоа, Елон Маск бара европските власти да ги укинат забраните камионите да возат за време на викендите, бидејќи според него тие во случајов се беспредметни. Неговите идеи сепак не се добредојдени ниту кај законодавците, ниту кај возачите. За првите причината за забрана на возење на тешките возила во викендите не се само загадувањето и бучавата, туку и ослободувањето на сообраќајниците за лесните возила, односно луѓето кои слободните денови сакаат да ги поминат на друго место а не дома. Возачите пак преку своите синдикати сметаат дека укинувањето на забраната за возење на камионите преку викенд дополнително ќе ги влоши и онака лошите услови за работа на професионалните возачи на камиони, кои со денови, а често и со недели немаат пристојно време за одмор како физички така и психички. Засега не се знае како ќе заврши оваа приказна, но тешко е да се очекува дека повеќе европски држави позитивно ќе одговорат на барањето на Tesla и Елон Маск. Во Германија на пример, забраната за движење на камиони над 7,5 тони е донесена во 1956 година. Се проценува дека ако се укине оваа забрана, недостигот од сегашните 120 илјади возачи ќе се зголеми за најмалку 50%.